за

BMW во Динголфинг произведе два милиони примероци од Серијата 7

BMW i7 е најактуелниот модел на македонската сцена деновиве, по големата свеченост на М Кар викендов, а сега има уште една причина за Серијата 7 да биде главна вест.

Нова причина за прославување во фабриката на BMW во Динголфинг, произведен е двомилионитиот примерок од Серијата 7. Секако дека примерокот на којшто му припаѓа оваа чест е електричната изведба i7.

Додека во саботата се одржуваше свеченост за претставување на новата Серија 7 на македонската сцена, преку електричната изведба i7, во Динголфинг, баварски град на стотина километри оддалеченост од Минхен, се подготвуваше за испорака двомилионитиот примерок од најголемата лимузина на BMW.

Славеничкиот примерок е BMW i7 xDrive60, во карбон црна боја, со внатрешност во боја на коњак, изработена од веганската замена за кожа, што Баварците ја нарекоа Веганца.

Серијата 7 и фабриката во Динголфинг имаа причина за заедничка прослава, по повод почетокот на продажбата на седмата генерација од серијата 7 на BMW. Директорот на фабриката, Кристоф Шредер, вели: „Серијата 7 на BMW е нашиот врвен модел. Во него ги соединуваме прогресивниот луксуз и најновите технологии.“ Директорот со звучно презиме од политичката сцена е посебно горд на тоа што моделот „се произведува тука уште од неговото воведување во понудата пред 45 години.“

Првата серија 7 на BMW се појави во 1977 година. Моделот оттогаш се произведува во Динголфинг. Во фабриката на заедничка лента се произведуваат сите три погонски варијанти на „зибенер“, на „седумката“. Освен со бензински и дизел мотор, BMW од серијата 7 се нуди првпат и во чисто електрична изведба i7. Секако дека гамата опфаќа и изведби со приклучен хибриден погон.

Еден податок што се однесува за домашниот пазар: Бидејќи е-компонентите потекнуваат од ЕУ, царината е 0%, место 5% доколку деловите се произведени, на пример, во Кина

Електромоторите и високоволтните батерии за BMW i7 се произведуваат локално во Динголфинг. Тие се испорачуваат од блискиот центар којшто е специјализиран за производство на компоненти за електричен погон.

BMW има вложено повеќе од 300 милиони евра во производството на новата Серија 7 во Долна Баварија.

Посебен спектакл е тоа што завршените примероци од лимузината, по напуштањето на производствената лента се движат целосно автопилотирани до подрачјето за финална доработка и проверка. Возилото се води со помош на сензори што се поставени покрај лентата. Исто и управувањето го презема надворешен софтвер. На овој начин значително се подобрува ефикасноста на логистиката.

Технолошките носители, како серијата 7, се катализатори на пресвртницата – исто и за нашите фабрики,“ објасни директорот за производство на ниво на групација BMW, Милан Недељковиќ, кога почна производството на новата серија во јули годинава.

Наскоро следи целосен видео материјал од BMW i7 и BMW XM во салонот на М Кар.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вработените во Volkswagen со одлични оцени за работодавецот

Тристотини автомобили Kia возеа службено за фудбалот во Катар