Сé почнува од дизајнот. Без разлика што во дизајнот на BMW сé e поставено однапред, како треба да изгледа секој дел од возилото и како треба да се изведе тоа. Германски точно и доследно. Двата бубрези напред, прочуениот „хофмајстеркник“ во завршетокот на задните прозорци, долга и рамна хауба, кус опаш, малку подзакосен нос како на ајкула, тенки кровни столбови и „тенок“ покрив, куси каросериски превиси напред и назад. Има и фини нешта: Надолжните рабови по хаубата, правиот раб долж каросеријата, вешто поставени хромирани рамки на прозорците, впуштени рачки во вратите Така човек уште оддалеку знае дека станува збор за BMW, и пред да го види знакот.
Сето тоа го поседува и најновата генерација на серијата 5, главна носителка на имиџот на марката од Минхен. „Тројката“ не може да постигне статус на бестселер без добра петка, па и седумката ја добива основата за своето опстојување како знаменосец токму од петката. Толку е важен овој автомобил, што светот го познава уште од септември 1972 година. Вкупно осум генерации досега.
Вревата по друштвените мрежи околу дизајнот на BMW во меѓувреме стивна. Сé се вклопи. Баварските автомобили си го сменија дизајнот и сите нови модели се раководат според новиот изглед. Серијата 5 од генерацијата G60 можеби изгледа различно од претходничките, меѓутоа и времињата се сменети. G60 изгледа точно како автомобил што нов од фабрика ќе се испорачува кусо пред Европа да почне да воведува забрани за регистрирање нови возила со мотори со внатрешно согорување – коишто во иднина ќе продолжат со синтетско гориво, така што нема потреба од паника во тој поглед.
Тоа што може да се извлече како главен впечаток од првиот примерок од серијата 5 во салонот на увозникот М Кар – а сосем е извесно дека оттаму ќе се испорачуваат по неколку дузини примероци од Серијата 5 годишно – премиум марките што ја носат сцената, имаат кредибилитет и во дизајнот да менуваат исто толку радикалнио, колку што го прават тоа кога воведуваат нови технологии. Кусо, Серијата 5 изгледа одлично, свежо, „михненски“, отмено, сигурно.
Минхен ја гледа новата 5-ка како најдинамична генерација досега, со изобилство од новини во дигиталниот свет – и веројатно најкрупната промена, лимузината од серијата 5 за првпат е достапна и во верзија со целосно електричен погон. Како што досега имаше избор на бензин и дизел, отсегаш на тој избор му се придружува i5, како електрична верзија на 5-та, со иста каросерија, исто подвозје, иста кабина.
View this post on Instagram
Елеткрификацијата ги зафати сите погонски изведби. Бензинците и дизелите исто така работат со помош од електромотор, односно со 48-волтен стартер-генератор во комбинација со мала батерија. Златната средина се приклучните хибриди. Производството продолжува во Динголфинг, испораките почнуваат уште во октомври.
Сé е точно темпирано со најголемиот „противник“, класата Е на Mercedes-Benz, којашто исто така треба да доживее салонска премиера во следниот месец – секако и во Мак Аутостар
Должината на новата 5-ка порасна за 97 mm, на 5.060 mm, ширината исто така напредуваше за 32 mm (1.900 mm), а изненадува што и висината е зголемена за 36 mm, иако впечатокот воошто не води кон помислата дека возилото навистина е повисоко. Меѓуоскиното растојание порасна за 20 mm.
Опција е контурата на маската да биде осветлена, што во ценовникот се води како BMW Iconic Glow. Слично беше и со фамозните „ангелски очи“, по коишто се препознатливи претходните генерации. Интересен нагласок поставуваат праговите што се лакирани сјајно во црна боја, што всушност прави каросеријата да изгледа толку „шланк“. Сигурно нема да се пропушти и мајсторски втиснатиот број 5 во делот кај „хофмајстеркникот“.
За изгледот може да се нарачуваат пакети М Sport, M Sport Pro и M Carbon. Во палетата од бои во почетокот се достапни и три специјални варијанти на BMW Individual, за коишто ќе треба да се издвојат и до близу 4.000 евра. Салонскиот примерок остава посебен впечаток и со тркалата од 21 инчи, коишто исто така се од понудата на BMW Individual и во германскиот ценовник чинат над 2.500 евра.

Во кокпитот е драстично смален бројот на прекинувачи и регулатори. Тоа е заслуга на дигитализацијата. BMW Curved Display се состои од дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 14,9 инчи, под заеднички панел. Нов дизајн има и воланот, чијшто сензорски полиња сега оддаваат повратна вибрација. Опција е интеракциската лента со „кристален дизајн“, што се протега долж кокпитот и изведена е исто како кај 7-ката.
Спортските седишта се нови и стандардно се вградуваат. Ова е прв модел на BMW во чијашто кабина не се користат материјали од животинско потекло, односно 5-та е прв вегански BMW. Кожа секако дека може да се нарача посебно.
Во почетокот од пазарното водедување, достапни се четири изведби со класичен погон и две електрични изведби:
- BMW 520i, 208 КС, 70.910 евра (цени во Македонија)
- BMW 520d, 197 КС, 70.280 евра
- BMW 520d xDrive, 197 КС, 73.480 евра
- BMW 530i xDrive 82.590 евра
- BMW i5 eDrive40 89.000 евра
- BMW i5 М60 xDrive 121.600 евра
На одделни пазари ќе се нудат и дополнителни верзии со 4- и 6-цилиндарски мотори. Напролет пристигаат приклучните хибриди, а се подготвува и нов 6-цилиндарски дизел. Кај електричниот i5, в година следи уште една, трета варијанта, со погон на сите тркала.
Техничарите при развојот ставија нагласок на балансот меѓу спортска динамика и комфорно возење. За второто е заслужно и најдолгото меѓуоскино растојание во класата, исто како и посебното влежиштување на елементите од водењето на тркалата, додека за првото се грижат проширената трага на тркалата, распределбата на тежината врз оските во сооднос 50:50, лесните делови во подвозјето и зголемената крутост на каросеријата.
BMW 520i во нашиот онлајн каталог за сите нови модели на автомобили што се во поонуда на македонскиот пазар АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опрема, цени, можност за споредба на повеќе модели
Спортско управување со променлив преносен однос е стандард, а понатаму може да се дотерува со M спортско подвозје, М спортски сопирачки и активно подвозје (стандард кај i5 M60 xDrive), со управувана задна оска. Уште една надградба е активно M спортско подвозје.
Новина во системите за асистенција е полу-автопилотот, со следење лента, со радарски темпомат и самостојно поаѓање и запирање во колона. Во САД, Канада и
Германија се нуди асистент за автопат, што самостојно го управува возилото по автопат до брзини од 130 km/h.
Возачот со поглед се разбира со бизнисменската лимузина на BMW, кога треба да се престигне возило
Светска премиера е системот што го престројува возилото во соседна лента, кога возачот ќе ги пушти трепкачите и со поглед ќе потврди за терхнолоигијата автоматски да ја престрои 5-та. Паркирањето со помош на телефонот е уште една опција.
Сосем е сменето возачкото доживување во поглед на ракувањето со кокпитот. Овој своевиден „суперкомпјутер“ користи сопствен оперативен систем BMW 8.5 и во основа се раководи според начинот на којшто се ракува со паметните телефони и останатите уреди од техно-секојдневието. Соодветно е сменето и ракувањето со iDrive.