По неколку седмици од дебито на салонот во Гуанжу, БМВ почнува со испорака на изведбата од својата Серија 5, што посебно е развиена за Кина и се произведува во земјата. Секако дека на најголемиот пазар за електрични автoмобили во светот не смее да недостига електричната изведба и5.
За точно да оговара на очекувањата и барањата на кинеските купувачи, БМВ ја конструира и изведува серијата 5 во посебна варијанта за големиот автомобилски пазар во земјата. Во споредба со стандардната изведба, кинескиот модел има продолжено меѓуоскино растојание и подолги задни врати.
Со тоа следи и уште побогата и во детали различна опременост, вклучувајќи и дигитални услуги што се посебно барани кај кинеските возачи и неретко решаваат при изборот на модел.
Возилата што се произведуваат во фабриката Дадонг, дел од заедничката компанија БМВ Брилијанс Аутомотив во Шенјанг, се испорачуваат исклучиво на кинескиот пазар.
Од почетокот на локалното производство во 2003 година, во Кина веќе се продадени два милиони примероци од лимузинската изведба на серијата 5 на БМВ. Дизајнот и технологијата на возилата за Кина во целост одговараат со моделите од осмата генерација на серијата 5 на БМВ. Баварската лимузина лани беше најпродаван премиум модел во вишата класа во земјата.
Целата понуда од погонски изведби вклучува електромотор во погонот, било да се работи за благ хибрид, приклучен хибрид или целосно електрична изведба
Основен модел е 525Ли со бензинец и 48-волтен стартер-генератор со 190 КС. По него следи 530Ли со 258 КС. Третата опција е електричната БМВ и5 еДрајв35Л со 210 кВ, односно 286 КС.

На кинеските купувачи им се нуди и БМВ и5 М60 иксДрајв, што се испорачува на светскиот пазар. Погонската спрега ја сочинуваат по еден електромотор на секоја оска, што во режимот Мај Моуд Спорт испорачуваат системски 442 кВ, односно 601 КС.
Посебност на кинеската изведба е легнатото задно стакло што меко преоѓа во опашот, како и специјалните каросериски бои и украсните елементи во златна боја, што посебно им се допаѓаат на кинеските клиенти.
Уште еден белег е осветлениот натпис 5 во кинеско писмо во делот на задниот столб. Кај електричниот и5, тој детал свети во сина боја.
Производството на БМВ серија 5 во Кина се врши исклучиво со енергија добиена од обновливи извори.
















