за

Линда Џексон, шефица на Пежо: „Лани продадовме 100.000 електрични автомобили во Европа“

Воведување осум години гаранција, два престижни модели со погон на струја, лидер со досегот до 700 километри и голем одѕив за финансирањето за купување електрични возила со поддршка од француската држава. Важни постигнувања и важни најави на Пежо.

На вториот Ден на е-Лавот, настан за електричните автомобили и одржливоста, имаше големи најави: Први Европејци со 8 години гаранција, голем успех со новите начини на финансирање на купувањето електрични автомобили, кога и државата ќе се вклучи. Сето тоа изгледа веродостојно, затоа што тимот на „лавицата“ Џексон постигна многу во овој временски распон од првиот е-ден.

Колку добро ѝ оди на некоја автомобилска марка во моментот, мошне веродостојно се суди по времето за коешто зборуваат менаџерите. Извршната директорка на Пежо, Британката Линда Џексон, зборуваше во минато време – затоа што зборуваше за успех, а не за ветувања.

Денот на е-Лавот, односно Е-Лајон Деј, има за цел да ја запознае јавноста со иднината на Пежо и за постигнувањата што се прават во насока на одржливоста, односно за тоа мора да се преземе уште денес, за утре светот да не се соочува со климатска катастрофа. Овој настан, што лани се одржа првпат, претставува составен и клучен дел од глобалната стратегија што француската марка ја води како Проект Е-Лајон.

Во основа, на денот за електричните автомобили на Пежо и сé околу нив и за нивната смисла, се зборуваше за 5-те столбови врз коишто се потпира Проект Е-Лајон: Електромобилност, ефикасност, искуство, екосистем и животна средина.

За постигнатото во ова временско растојание од една година од првиот Ден на е-Лавот, харизматичната шефица и фактички „изумителка“ на денешниот Ситроен, затоа што прво раководеше таму, кажа „имавме навистина плодна година, лансиравме нови електрични автомобили, Пежо Е-308 и Е-308 Стејшн Вагон, ги освеживме Е-208 и Е-2008, Е-Рифтер и Е-Партнер.

„Можеме да ви понудиме ЕВ каков што сакате“

Џексон може да се пофали дека нејзината марка има најширока понуда од електрични возила во Европа, во конкуренција на големоволуменските марки. Тоа вклучува гама што покрива сé, од градски автомобили до СУВ, па дури и ванови. „Можеме да ви понудиме ЕВ каков што сакате.“

Уште една гордост на марката со „ѕверката“ што е гордост на животинскиот свет, секако е досегот. Пежо меѓу првите почнаа да вградуваат електромотори од новата генерација (соработка со јапонски Нидек), со зголемена ефикасност, а тоа значи и зголемен досег. Истото важи и за новата хемија на батериите. Затоа Пежо може да зборува за досези до 700 километри за новиот Е-3008. „Водечки сме во перформансите, Е-3008 има досег до 700 километри, додека Е-208 има 566 километри досег во град. Тоа се две можне важни точки за нашите клеинти“, кажа Џексон.

Не се останува на ветувања, туку се зборува за постигнувања. Има резултати. На прашањето дали стгратегијата носи успех во поглед на бројките и резултатите, шефицата објасни „на крајот, резултатите се тоа што се бара, и со големо задоволство кажувам, да. Пежо е ЕВ лидер во Европа, во Б и во ЛЦВ сегментите, 208 е електричен лидер во Б-сегментот во Европа.“

Линда Џексон не случајно го нагласи тоа што „Пежо 5-та година по ред е омилена автомобилска марка во Франција“. Земјата има богата традиција и големо име на автомобилската сцена, и важно е кој е прв таму.

Со вештината што ги одликува можеби двасетината врвни менаџери во автомобилската бранша, Линда Џексон зборуваше и за тоа што луѓето ценат дека електричните автомобили се скапи и тоа многумина го гледаат како пречка. „Тоа занас не е пречка, туку е шанса, и работиме посебно напорно, за да осигураме дека имаме достапни решенија за нашите клиенти, тоа е апсолутно најважно.

Пежо има воведено неколку иновативни начини на финансирање. „Еден од нив е Пежо Ес Ју Гоу, начин на финансирање по принципот ‘плаќање по милја’ – a посебно го подржуваме лизингот за електрични возила во Франција, којшто има поддршка од државата…. веќе имаме повеќе од 12.000 нарачки од корисници само за таа шема… тие клиенти бараат Е-208 што почнува од само 99 евра месечно, или Е-2008 за 149 евра месечно“, кажува Џексон.

Тоа што Џексон ќе го постави како стратешка цел, го исполнува Жером Мишерон, првиот човек задолжен за развојот на моделите на Пежо. За искусниот менаџер, нема тајни на пазарот за електрични автомобили: „Купувачлите бараат три нешта – каде ќе можам да полнам (фактор полнење), колкав пат ќе можам да поминам (фактор досег) и колку чини да купам и да поседувам ЕВ (фактор цена).

Неговите возила имаат што да понудат. „Пежо нуди лидерство во категоријата, со досег до 700 километри. Платформата СТЛА Медиум (се изговара Стела) дозволува голем капацитет на батерија при мало меѓуоскино растојание“. Тоа значи дека Пежо може да понуди модели и во најдостапните класи. Околу факторите, Мишерок продолжува: „На располагање стои една од најголемите мрежи од полначи, благодарение на сестринската компанија Фри2Мув Чарџ, со преку 600.000 полначи, во 29 држави во Европа … имаме и трипати повеќе супербрзи полначи од Тесла“.

Шефот за моделите посочи пример: „Е-3009 за 10 минути полни енеригја за 100 километри пат. Доколку патувате од Париз до Тулуз, што е растојание од 675 километри, ќе треба само еднаш да запрете, на 30 минути“.

Благодарение на шемата „Пежо Ас Ју Гоу“, што е практично изнајмување автомобил, со ограничување на 6.000 километри годишно, еден од секои пет продадени Е-208 се обезбедува со оваа шема. Мишерон: „Ќе ја прошириме шемата ширум гамата, а ќе одиме и на други пазари.“

За да дојде до најавените 7 електрични автомобили и три товарни возила во својата понуда, Пежо годинава ќе лансира нов Е-408, чисто електирчна варијанта на фастбекот Пежо 408, а потоа следи и Е-5008, голема изведба со техниката од Е-3008, со седум седишта. Премиерата на Е-5008 е потврдена за завршетокот на март.

Втората една голема најава на Денот 2 на Е-лавот е воведувањето ЧетГПТ во Пежо ај-Кокпит. Тој понатаму ќе биде достапен во целата гама, вклучувајќи го и новиот Е-3008, а сосеме извесно дека веќе функционира и во 408, затоа што моделот послужи за пример, во најверодостојното претставување на начинот на работа на овој асистент со вештачка интелигенција.

Мишерон: „Тоа е нова функција што дозволува со автомобилот да се командува додека рацете се на воланот и погледот е на патот, и ќе ни овозможи да развиеме одушевувачки прашања и теми“. Системот ќе стане функционален во одредени модели на Пежо уште од утре, 31-ви јануари, во пет пилот земји: Франција, ОК, Германија, Италија и Шпанија. Вчитувањето на софтверот ќе се врши по пат на ОТА, односно исто како што се вчитува нов ОС во телефон.

На видеото што го снимија Пежо, се гледа како асистентот, поточно асистентката, одговара на прашања, „која е најпознатата слика на Пикасо“, „Каде таа може да се види“ … „можеш да нé однесеш до музејот за којшто зборувавме?“

Тоа несомнено ќе биде корисна и користена функција додека се чека батеријата да се наполни – и не само тогаш.

Веројатно најважната најава дојде на крајот, а ниту тоа не е случајно. Станува збор за 8-годишна гаранција за електричните автомобили, односно гаранција до 160.000 километри. Таа се води како Пежо Алур Кер. Осумката е број на Пежо, среќен број, бројот на црната топка со којашто победникот ја завршува партијата билјар.

Пежо е прва европска марка што нуди 8 години гаранција. Шефот за маркетинг и комуникација, Фил Јорк: „Ценам дека тоа е апсолутно клучно, за да се зголеми довербата и нашите клиенти да бидат сигурни, со пежо и со сé што имаме во нашата понуда во поглед на електричните возила.“

Гаранцијата може да смени многу. Јорк: „Можеме на луѓето да им обезбедиме спокојство и да напрвиме преоѓањето кон електрични возила да биде полесно, без стресови. И мислам дека тоа е важно, во овие услови во моментов … тоа е исто така признание за нашите инженери и за квалитетот и издржливоста на нашите возила. Мислиме дека ова е многу важен дел за нашите клиенти да се осигураат.“

Првиот човек во маркетингот знае што прво ќе прашаат возачите: Гаранцијата навистина покрива сé што очекувате да покрива типична гаранција на производител на автомобили, а го покрива електромоторот, полначот, погонската спрега, сите електрични и механичкли кломпоненти на возилото, и тодополнително на 8-годишната гаранцијата за батеријата, која што веќе ја нудиме“

Како и сé деновиве, почнува од Е-3008, на сите поголеми пазари во Европа. „Единствено е потребно возилото да се сервисира редовно на 2 години или 25.000 км“, кажува Јорк. Со секое сервисирање, гаранцијата продолжува за следните две години.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Парижани се сложуваат со намерата да се наплаќа поскап паркинг за големите СУВ

БМВ произведува посебна изведба на серијата 5 за Кина