за

BMW возвраќа на премиерата на класата S на Mercedes

Денес е премиерата на знаменосецот со сребрена ѕвезда, но марката од Минхен нема да гледа мирно отстрана. Нивниот контрапродукт е купе од серијата 7 која доаѓа во 2015 година.

Во Mercedes сé е подготвено за големата лимузина да се покаже за прв пат пред светот. Вечерва во 19:15 во хангарот за испорака на Airbus A380 во близина на Хамбург ќе светне најблескавата ѕвезда на Мercedes. Кога народот ќе се врати од летните одмори, новата класа Ѕ веќе ќе биде во салоните. Вечниот ривал од Минхен секако дека не може да си дозволи да го следи спектаклот без да се обиде да открадне барем дел од еуфоријата. И му успева. BMW со една скица од возилото и две фотографии на детали го прикажува купето од следната генерација на серијата 7, конкурентот на класата Ѕ.

P90121372

Но, BMW нема да остане само на празни муабети. Баварците го подготвуваат нивниот спектакл за десетина денови, во царството на луксузот Вила д’Есте на езерото Комо во Италија, каде што ќе се одржува Конкурсот на елеганција, како најексклузивен собир на олдтајмери на светот – по традиција под спонзорство на BMW. Исто така е традиција Баварците тука да прикажат возбудлива студија на модел што е во фаза на планирање.

Во минатата година се појави поларизирачката верзија на спортскиот родстер Z4 во реализација на дизајнерската легенда Zagato. Во оваа година автомобилот е за еден број поголем и за најмалку два броја поексклузивен. BMW Pininfarina Gran Lusso Coupe повторно ќе ги разгори страстите на вљубениците во марката за купе базирано на луксузните лимузини од серијата 7, кое што веќе неколку години се крчка во главите на дел од стратезите на марката од Минхен.

P90121370

Уникатот ја користи техниката од актуелниот BMW 760i, со дванаесетцилиндарски мотор со 544 КС. Елеганцијата се препознава однадвор, но доаѓа однатре. Кабината е обложена со најфина напа кожа, сошиена рачно со совршенство. Доколку купето ги освои срцата и ги зачеша паричниците на богаташите покрај езерото Комо, а тоа е мошне веројатно дека ќе се случи, нема причина BMW да го одложува серискиот старт на големиот брат на спортски ориентираното купе од серијата 6. Rolls-Royce Wraith, од третата автомобилска марка на BMW, ќе добие помало братче.

Со уникатот создаден во соработка со дизајнерското студио Pininfarina, луѓето од Минхен сакаат да укажат на тоа дека иднината на марката нема да се сведува само на електричните автомобили од подмарката BMW i и на алтернативните погонски решенија, туку и на примероци што го одржуваат во живот култот на автомобилизмот.

Следната генерација на серијата 7 е најавена за 2015 година. Дотогаш конкурентот од Штутгарт сигурно ќе ги има пуштено купето и кабриолетот од новата класа Ѕ. И купето од серијата 7 ќе бидне со сигурност.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alfa Romeo е официјален партнер на патеката Монца

Honda NSX ќе се произведува во Америка