Bentley, Maserati, Lamborghini, па и Rolls-Royce и Aston Martin наскоро ќе ги крунисаат своите моделски понуди со скапи теренци. Тие сепак ќе мораат да ја делат техниката со моделите од обичните марки.
Кога поранешниот шеф на Porsche, Венделин Видекинг, во 2002 година ги прикажа првите фотографии од новиот Cayenne, фановите на марката врескаа од бес. Радикалниот концепт со брутален изглед и каросерија подигната високо над земја никако не се вклопуваше во имиџот на специјалистот за спортски автомобили.
Десет години подоцна, критичарите немаа за што да се побунат. Втората генерација на Cayenne се појави со елегантен стил и постигна продажба што ја загарантира иднината на марката од Цуфенхаузен неколку децении однапред. На спортскиот теренец на Porsche отпаѓаат повеќе од 50 проценти од продажбата на марката. Досега се продадени 430.000 примероци од Cayenne.
Сега и благородните марки ќе го следат примерот на Cayenne. Bentley Falcon ќе биде готов за продажба во 2016 година, малку подоцна следува и Lamborghini Urus. Обата модела ќе користат компоненти од VW Touareg, Porsche Cayenne и Audi Q7. Овој излет на теренот се овозможи благодарение на системот од заеднички компоненти што Volkswagen првично го измисли за Golf.
Британците ја пуштија студијата на спортски теренец како пробен балон на последниот салон во Женева. Коментарите главно беа негативни и повеќе се однесуваа на дизајнот, отколку на идејата. Со разубавено лице, похармонична форма на опашот и покрив што се спушта како кај купе, серискиот модел ќе почне да се произведува во 2016 година во матичната фабрика во Кру, во која што неодамна беа инвестирани 930 милиони евра.
Falcon ќе чини околу 200.000 евра во основната изведба, а ќе се нудат вкупно три: Со пет, четири и седум седишта. Bentley ќе го направи најскапиот спортски теренец, но и најмоќниот. Планиран е дванаесетцилиндарец од шест литри. Ако пазарот реагира според очекувањата, теренецот ќе придонесе Bentley да ја зголеми годишната продукција на целата моделска гама на 18.000 примероци до 2018 година.
Во 2017 година Lamborghini ќе ја прикаже најрадикалната инкарнација на луксузен теренец. Италијанците ветуваат дека ќе направат модел што ќе биде Lamborghini меѓу теренците, како најекстремен автомобил што досега го згазил асфалтот. Секако дека возењето по терен не е меѓу основните приоритети во развојот на Urus. Вториот теренец на Lamborghini по несреќниот LM 002 од 1980-те години ќе има најмалку 600 КС и каросерија од карбон, место од алуминиум и челик, што ќе му обезбеди превласт во светот на четири тркала.
За многу скоро време ќе завладее метеж во сегментот на скапите теренци. Во 2015 година Maserati ќе започне со производство на Levante во фабриката на Fiat во Мирафиори. Со планираните 20.000 годишно, теренецот ќе ја дуплира продажбата на марката. Levante ќе ја дели техниката со Jeep Grand Cherokee, но обата модела ќе појдат по сосема различни патишта во изгледот на каросеријата.
Дизајнот ќе се раководи според студијата Kubang од 2011 година, со неколку измени во изгледот на опашот на возилото. Погонот на сите тркала е развиен од Magna Steyr и во основа е идентичен со оној што BMW го вградува во своите модели xDrive.
Америка е татковина на теренските возила, но сосема е извесно дека Британците наскоро ќе ја преземат превласта во сегментот. Шефот на Rolls-Royce потврди на салонот во Франкфурт дека благородната марка од островот исто така размислува да воведе теренски модел во понудата. Дизајнерите веќе работат на изгледот на новитетот на марката. Со цена од најмалку 250.000 евра, луксузниот гигант ќе се најде на престолот, откако претходно ќе го симне оттаму Lamborghini Urus. Rolls-Royce исто така ќе ја дели техниката, најверојатно со следната генерација на BMW X5 чија премиера се очекува во 2018 година. Типичниот концепт со задни врати што се отвораат наназад ќе се задржи.
Очигледно е дека сите благородни марки се едногласни во намерата да понудат теренски модел. Од неодамна објавената техничка соработка со AMG Mercedes може да се очекува дека и Aston Martin ќе се вклучи во конкурентската битка. Основата за моделот ќе потекнува од купе верзијата на огромниот Mercedes GL која што треба да се појави во 2016 година. До крајот на годинава ќе се решава дали британската марка ќе најде простор за теренец со цена од околу 175.000 евра. Тоа ќе биде веќе втор обид на Aston Martin. Во 2009 година марката ја прикажа студијата Lagonda во Женева, но обидот не заврши славно.
Ниту еден дизајнерски ген не е толку вреден да остане поштеден од исплатливиот бизнис со луксузните теренци. Последен пример за тоа ни даде Jaguar. Тоа што до пред неколку години се чинеше незамисливо, сега се појави на салонот во Франкфурт во форма на студијата на кросовер CX-17. Серискиот старт уште не е потврден, но покрај еуфоријата што теренецот на Jaguar ја предизвика на салонот ќе биде апсолутна лудост ако Британците се откажат од намерата.
Само две престижни марки одбиваат да се приклучат на трендот: Bugatti и Ferrari. Претседателот на Ferrari, Лука ди Монтеземоло, категорично одбива да пушти теренец и модел со четири врати сé додека ја предводи фирмата: „Кај спортските теренци не се работи за моќност и за уживање во возењето, а токму тоа се атрибутите на Ferrari.“ Ќе видиме уште колку долго ќе издржи ветувањето.