Bentley Bentayga распродаден: И 5.000 примероци се премалку

Суперлуксузниот и суперскап теренец од 300.000 евра ги надмина и најоптимистичките очекувања. Bentley веќе еднаш ја зголеми продукцијата за Bentayga, но и тоа не е доволно.

Bentley уште не го испорачал ниту првиот примерок од „нај“ теренецот, а целата продукција за годинава е веќе распродадена. Поради големиот интерес за најбрзиот, најсилниот и најлуксузниот теренец во светот, првично планираната бројка од 3.600 примероци за оваа година беше зголемена на 5.000 примероци, но и тоа е недоволно да се покрие побарувачката. Воведувањето на Bentayga во понудата од модели на Bentley ќе ја зголеми продажбата на благородната британска марка за половина. Лани, Bentley продаде нешто повеќе од 10.000 примероци од своите модели. Првата серија од моделот чини близу 300.000 евра, односно е за околу 100.000 евра поскапа од стандардниот модел. Во следниве денови се очекува да бидат испорачани и првите примероци од Bentayga.

Bentley го претстави луксузниот теренец на салонот во Франкфурт во минатата есен. Bentayga располага со дванаесетцилиндарец во W, со зафатнина од шест литри и моќност од 608 КС. Со оваа моќ, колосот од 2,4 тони забрзува до сто за 4,1 секунди, а крајната брзина изнесува 301 километар на час.

Покрај овој мотор, наскоро ќе се понудат уште две погонски единици, што се исто толку револуционерни за британската марка, колку и самото воведување на теренски модел во понудата. Од следната година, Bentley Bentayga ќе биде достапен и со дизел мотор V8, како и со плагин-хибриден погон со досег од 50 километри при возење на струја. Во моментов се размислува и за воведување втора каросериска изведба, во стил на купе-теренец.

Претходна објаваИздувен лонец од Porsche 911 GT3 како озвучување за дневната соба
Следна објаваПаѓа уште едно табу за Porsche: Следи комби изведба од Panamera

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here