за

Автобусите почесто возат со електричен или хибриден погон

Три од секои четири автобуси што биле новорегистирани во ЕУ во минатата година користат дизел мотор. Нивниот удел сепак се намалил за 10 проценти.

Полскиот град Краков нарача 50 електрични автобуси
Полскиот град Краков нарача 50 електрични автобуси

Три четвртини од автобусите од средна и тешка категорија (над 3,5 тони) регистрирани во ЕУ лани имаат дизел мотор. Тие изгубиле 10% од својот пазарен удел, затоа што расте интересот за возила со електричен погон, кои учествувале со 6,1% во пазарот лани, како и за хибридни автобуси. Уделот на последниве се зголемил од 5,5% во 2019 година, на 9,5 проценти лани.

Лани бројот на новорегистирани автобуси со дизел мотор во ЕУ забележал драстичен пад поради корона кризата. Нивната продажба се намалила за 27,1%, на 20.458 автобуси на територијата на ЕУ. На автобуси со дизел мотор отпаѓаат 72,9% од пазарот лани. Во 2019 година, уделот им изнесувал 82,4 проценти. Најголемите четири пазари во ЕУ се во двоцифрен пад: Шпанија (-46,2%), Италија (-26,6%), Франција (-21,9%) и Германија (-15.9%). Само шест автобуси со бензински мотор се регистрирани во ЕУ, сите се во Унгарија.

Бројот на нови автобуси со погон на струја во ЕУ се зголемил за 18,4 проценти. Од 1.448 електрични автобуси во 2019 година (вклучувајќи и приклучни хибриди, водород и др), нивниот број лани се зголемил на 1.714 автобуси, односно истите постигнуваат удел од 6,1% на пазарот. Водечки пазар е Холандија, со дури 446 електрични автобуси, пред Германија (388 возила) и Полска (200 возила). На овие три држави отпаѓаат над 60% од пазарот на електрични автобуси.

Солидно напредуваат и хибридните автобуси, кои сочинувале 9,5% од пазарот лани. Вкупно се регистрирани 2.662 автобуси со хибриден погон. Тоа е зголемување од 36% во споредба со преклани. Само Германија учествува со близу половина од продажбата на хибридни автобуси, со 1.243 примероци. За споредба, во 14 држави во ЕУ лани не бил продаден ниту еден хибриден автобус.

Од новите автобуси во ЕУ лани, 11,4% користат алтернативно гориво, првенствено станува збор за метан. Најголеми пазари за овие автобуси се Франција (+71,3%), Шведска (+63,4%) и Шпанија (+13,4%), сите со двоцифрен раст. Во овој сегмент, продажбата пораснала за 24,3%, на вкупно 3.206 автобуси со алтернативен погон.

Според домашната статистика, лани во Македонија биле увезени 49 нови минибуси и автобуси и 152 користени возила од оваа категорија.

>>> Романија нарача 123 електрични автобуси од Solaris

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Светскиот автомобил на годината ќе биде познат на 20-ти април

Renault основа марка за изнајмување возила и има посебно возило за тоа