за

Audi по 2026 ќе претставува само електрични модели, класичарите завршуваат во 2033

Во германскиот концерн се случуваат клучни промени под новиот шеф Блуме, соодветно доаѓаат и големи најави: Audi решително насочува кон електромобилноста.

Audi зема уште поголем залет во насока на електромобилноста. По 2026 година, секој нов модел што ќе се пушти во продажба, ќе биде чисто електричен модел, без да се развиваат негови варијанти со класичен мотор или со хибриден погон. Производството на моделите со мотори со внатрешно согорување ќе се скусува, сé до 2033 година, кога од фабриките на Audi повеќе нема да излегува автомобил со мотор под хаубата.

Стратегијата гласи „Vorsprung 2030“, во превод тоа значи „предност 2030“ и се повикува на традиционалното мото на Audi, коешто гласи „Vorsprung durch Technik“, односно „напредок постигнат преку техниката“. Во рамките на оваа стратегја, Audi чекор по чекор ги подготвува своите фабрики за производство на електрични автомобили.

За разлика од повеќето конкуренти, Audi ќе ги користи постоечките фабрики и ќе ги приспособува за електрични автомобили, место да гради нови. „Сите фабрики, чекор по чекор ќе ги водиме кон иднината“, објаснува директорот за производство Герд Валкер. По завршувањето на приспособувањето, фабриките ќе работат исто толку ефикасно и приспособливо, како нова фабрика, односно исто како „гринфилд-фабрика“.

За обука на вработените се вложуваат 500 милиони евра до 2025 година. Две фабрики веќе произведуваат електрични модели, тоа се Белингер Хефе и Брисел. Од Инголштат од следната година првпат ќе почне да излегува чисто електричен модел – Audi Q6 e-tron.

Во Некарсулм, Сан Хозе Кјапа и Ѓер, постепено ќе почнува производство на електрични модели. По 2029 година, во секоја фабрика на Audi ќе се произведува најмалку по еден чисто електричен модел. Автомобилите со обичен мотор, постепено ќе си заминуваат од производствените погони, зависно од тоа како ќе се движат барањата на одредени регионални и локални пазари.

Нови фабрики ќе се градат каде што се потребни дополнителни капацитети. Во кинескиот Чангчун, во соработка со кинески партнер, ќе се произведуваат електрични модели врз новата платформа што е наменета за електрични модели од премиум сегментот, тоа е PPE (Premium Platform Electric). Фабриката ќе стартува со работа во 2024 година и ќе биде прва автомобилска фабрика што произведува единствено електрични модели на Audi.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Audi (@audiofficial)

Уште еден клучен момент во новата стратегија е преполовување на фабричките трошоци до 2033 година. За таа цел, возилата ќе бидат поедноставни за производство. Тоа ќе биде предвидено уште од самиот почеток на конструирањето на новите модели. Секако дека поедноставната конструкција нема да биде видлива за корисниците на возилата.

Промени има и во дигитализацијата на фабриките, со користење на систем што е базиран врз локални сервери и се води како EdgeCloud4Production. Скапите индустриски компјутери стануваат непотребни.

Под приспособливост, со цел да се одговори соодветно на промени во побарувачката за одредени модели, повеќе модели ќе може да се произведуваат на иста лента. Како пример, новиот Audi Q6 e-tron во Инголштат во почетокот ќе се произведува на иста лента со Audi A4 и A5. Понатаму, електричните модели постепено ќе ги заменуваат автомобилите со обичен погон.

Производство без штетно влијание врз животната средина секако дека е суштински дел на електромобилноста. Потрошувачката на вода ќе се преполови до 2035 година. Audi во Мексико веќе произведува без отпадни води. Патот кон „360factory“ предвидува и крупни промени во поглед на потрошувачката на енергија, емисијата од електраните, еквивалентите на СО2, штетните материи во воздухот и отпадот, со цел тие до 2039 година да се преполоват во споредба со вредностите во 2018 година.

Се работи и на обезбедување подобри услови на работа: „Ние сакаме да бидеме најдобриот работодавецза нашите вработени во фабриката, исто како и за сите заинтересирани, студенти и професионалци“, порачува директорот Валкер.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Електричниот Fiat 500 поставува продажни рекорди во Германија

Што е рекуперација кај хибридните модели, објаснува „професор“ Mercedes