за

Што е рекуперација кај хибридните модели, објаснува „професор“ Mercedes

Новиот Mercedes-Benz GLC имаше македонска премиера во изведбата 300e, со приклучен хибриден погон со досег од преку 100 километри. Рекуперацијата e важна за тој досег.

Импресивниот електричен досег на изведбите на новиот Mercedes-Benz GLC со приклучен хибриден погон, меѓу другото се темели и врз значително зголемената ефикасност на хибридниот систем.

Рекуперација е постапка преку којашто енергијата на движењето на возилото се користи за добивање струја за електричниот погон. Тоа е меѓусебна воиграност на повеќе компоненти. Електромоторот при забрзување се снабдува со електрична енергија, со цел таа енергија да ја претвори во механичка енергија. Кога возилото ќе се пушти под залет и при сопирање е обратна ситуацијата. Во тој случај, кинетичката енергија на возилото го движи електромоторот механички. Електромоторот тогаш расботи како генератор и произведува електрична енергија. Таа енергија понатаму се акумулира во високоволтната батерија на возилото и стои на располагање за погонот на возилото.

За тоа колку делотворна ќе биде рекуперацијата, решавачки чинител е воиграноста на хидрауличните сопирачки на возилото со електромоторот. Покрај тоа, автоматскиот менувач при забавувањето префрлува неколку степени на пренос подолу. Преку примена на систем за сопирање во новиот GLC, чијашто работа е независна од вакуумот, значително се подобрува воиграноста на сите компоненти.

Зависно од ситуацијата во возење и од тоа колку силно возачот притиска врз педалата за сопирање, овој систем за сопирање автоматски управува со флексибилното префрлување меѓу хидрауличното сопирање и рекуперацијата. На тој начин се овозможува максималната моќ на рекуперацијата да се достигнува подолго време. Таа моќност може да достигне до 100 kW. Притоа, системот варијабилно ја смалува силата на сопирање на хидрауличните сопирачки, дури и кога возачот притиска исто врз педалата за сопирање. Тоа значи дека возилото продолжува да забавува колку што бара возачот, меѓутоа системот прави поголем дел од сопирањето да отпаѓа на електромоторот, а помалку да учествува хидрауличната сопирачка. Електормоторот во тој случај дејствува како генератор, односно ја полни батеријата. Како што нагласуваат инженерите на Mercedes-Benz, возачот при притискањето врз сопирачката не чувствува никаква промена.

На овој графикон јасно се прикажуваат предностите на хибридниот погон во новиот Mercedes-Benz GLC:

New item by Automedia MK / Google Photos

Кривите на дијаграмот прикажуваат шематска споредба на сопирањето на новиот GLC и на претходниот модел од брзина од 100 km/h до место, со константно забавување. На графиконот се забележува јасно: Почетната сила на сопирањето е значително повисока од максималната моќност на рекуперацијата. Времето на рекуперација со максимална моќ на рекуперација, кај новиот GLC е значително подолга, благодарејќи на тоа што новиот систем може флексибилно да го намалува уделот на хидрауличните сопирачки при сопирањето. Уште една предност на новиот GLC е тоа што повратокот на електрична енергија од кинетичката енергија е значително повисок во споредба со претходниот модел. Тоа помага за досегот да биде соодветно подолг.

Програмите за возење во новиот GLC со приклучен хибриден погон се оптимирани за напредниот систем на рекуперација, како и за оптимално искористување на електричната енергија што стои на располагање. Раководејќи се според информациите од системот за навигација, хибридната програма за возење му дава предимство на електричното возење, доколку тоа го дозволува делот од патот по којшто се вози во тој момент. Тоа значи дека секогаш кога има услови возењето да му се препушти на електромоторот, интелигенцијата на возилото вклучува електричен погон. При возење во град, најголемиот дел од растојанието ќе се помине со електричен погон.

New item by Automedia MK / Google Photos

Возачот може сам да избира колку силна ќе биде рекуперацијата. Може да се избира меѓу три степени, а тоа се врши преку менувачките рачки зад воланот. Единствено во програмата Sport не може да се избира степенот на рекуперација. Кога се вози во програмата D, возачот може да ја контролира брзината без потреба да притиска врз сопирачката, односно може да се изведе познатото „One Pedal Feeling“. Електромоторот толку силно го забавува возилото кога ќе се отпушти педалата за „гас“, што нема потреба да се притиска врз сопирачката. Интелигенцијата на возилото дополнително ги чита податоците од сензорите на системите за асистенција, за погонот секогаш да реагира соодветно на ситуацијата.

Две програми за возење му овозможуваат на возачот да го користи хибридниот погон на најдобриот начин во одредени ситуации во возење:

BATTERY HOLD: Целта е наполнетоста на батеријата да не се менува, односно енергијата во батеријата да се сочува за електрично возење низ град или влегување во заштитена зона. Притоа, хибридниот систем го избира најпогодниот режим на работа според ситуацијата и условите.

ELECTRIC: Електрично возење со брзина до 140 km/h. Кога педалата за забрзување ќе се притисне посилно, се вклучува моторот, односно работи хибридниот систем.

Кога ќе се избере хибридниот погон да работи зависно од делницата по којашто што се вози и притоа е вклучено навигацијата да води до избраното одредиште, тогаш се земаат предвид најразлични податоци: Податоци за самата навигација, топографијата на теренот, брзинските ограничувања и проодноста на патиштата. Врз основа на овие податоци, интелигенцијата на погонот избира на кој дел од патот да се примени одреден начин на работа на хибридниот погон, со цел да се постигне најниска потрошувачка на гориво, односно колку е можно повеќе пат да се помине на струја.

New item by Automedia MK / Google Photos

Еко-асистентот црпи податоци од навигацијата, или од сензорите и камерите, за да оцени дали напред има кружен тек, S-свијок, остар свијок, крстосница, надолнина, дали има возило напред и дали има бринско ограничување, за да одреди најдобра брзина со којашто ќе се движи возилото во тој момент. Секако дека погонот зема ја предвид и секоја можност за електромоторот да се пушти да рекуперира и да полни енергија во батеријата.

Освен во стандардните изведби со благ хибриден погон, Mercedes-Benz GLC од генерацијата X254 се нуди во три изведби со приклучен хибриден погон: 300 e, 400 e и 300 de. Сите изведби имаат погон на сите тркала и автоматски менувач 9G-Tronic.

Во сите варијанти се вградува електромотор со максимална моќност од 100 kW и вртежен момент од 440 Nm. За системската моќност решава бензинецот во 300 e и 400 e, односно дизелот во 300 de.

Батеријата исто така е со иста големина од 31,2 kWh во сите три варијанти на моделот со приклучен хибриден погон. Досегот при возење чисто на струја се движи меѓу 112 и 130 километри.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi по 2026 ќе претставува само електрични модели, класичарите завршуваат во 2033

Спортската лимузина на Kia заминува со посебна серија од 1.000 примероци