135
18 shares, 135 points

Audi S5 првпат ќе вози со дизел мотор. Трилитарскиот V6 TDI испорачува 347 КС и 700 њутнметри. Електричен компресор помага при поаѓање, а целата погонска спрега работи како благ хибрид, вклучувајќи 48-волтна мрежа и стартер-генератор.

Изведувањето благ хибрид од постоечките погонски единици очигледно им се допаѓа и им годи на производителите. Audi S5 отсега ќе вози со трилитарски V6 TDI со 347 КС и вртежен момент од 700 Nm во подрачјето меѓу 2.500 и 3.100/min. Просечната потрошувачка според WLTP изнесува 6,2 литри и тоа е за една петина помалку во споредба со претходникот – со бензинец.

Спринтот до темпо сто во купето трае 4,8 секунди, додека на S5 Sportback му е потребна уште десетинка. Крајната брзина е ограничена на 250 km/h. Посебноста на погонската спрега е во 48-волтната мрежа и во стартер-генераторот, како и во литиум-јон батеријата од 0,5 kWh, којашто е поставена под подот на багажникот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Во оваа комбинација на благ хибрид одлично се вклопува и електрично задвиживаниот компресор – како една од придобивките од 48-волтната мрежа – кој испорачува притисок уште при најниски вртежи, односно таму кадешто класичните турбо-компресори уште не реагираат.

Благиот хибриден погон се покажува делотворен при заштеда на гориво во градски услови, со често запирање и поаѓање

Стартер-генераторот може при забрзување да му потпомогне на дизелот со екстра 60 Nm и 8 kW. Според Audi, благиот хибрид помага да се заштеди 0,4 литар гориво на сто километри. Класична предност на стартер-генераторот, кој е поврзан со ремен со коленастото вратило, останува мекото и тивко стартување на моторот, како и „генерирањето“ струја при секое отпуштање на гасот и сопирање. Оваа струја се акумулира во малата батерија, којашто потоа по потреба го напојува стартер-генераторот.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Audi наведува дека при отпуштање на гасот, при брзина меѓу 55 и 160 km/h, спортскиот S5 може да „едри“ до 40 секунди, со изгаснат мотор. Погонот во тој случај пристига од стартер-генераторот. Интелигенцијата во погонот може да го изгасне моторот уште при 22 km/h, на пример пред семафор.

Кога возачот ќе побара испорака на целосна моќ, тоа е работа за стандардниот турбо-компресор со променлива геометрија и апсолутен притисок на натполнење до 3,4 бари.

Во земјите надвор од ЕУ, кадешто регистрацијата не се одредува според емисијата на СО2, останува „стариот“ S5 со трилитарски TFSI

На пазарите надвор од Европа, Audi S5 ќе биде достапен со трилитарски TFSI, со 354 КС и 500 њутнметри. Погонот quattro и осумстепениот tiptronic остануваат стандард.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Audi S5 со дизел ќе започне со испорака во мај. Купето S5 TDI и купе-лимузината S5 TDI Sportback чинат 65.300 евра во Германија. Во стандардната опрема влегуваат диодни светла со динамични трепкачи, спортско подвозје, бандажи од 18 инчи, електрика за предните седишта кои се обложени со алкантара, како и браници со спортска нота во изгледот.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

135
18 shares, 135 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *