Audi Q7 E-Tron: На овој хибриден дизел никој не му ѕирка во издувот

Audi работи активно на електрификација на погонската спрега. Со досег при погон само на батерии од 56 километри, Q7 E-Tron може да се вози со недели без да се потроши ниту грам дизел.

Volkswagen е на линијата на огнот, политички струи си ги штитат интересите и не сакаат гигантот од Волфсбург да го видат на врвот на автомобилскиот свет. Тоа е суштината на „Дизелгејт“. Надвор од аферата, марките од германскиот концерн продолжуваат да го реализираат планираното пред нејзиното избивање. На овој Audi Q7 E-Tron никој не смее да му ѕирка во издувот.

Според нормите за хибридни возила, Q7 E-Tron троши 1,7 литар дизел во „првите“ 100 километри
Според нормите за хибридни возила, Q7 E-Tron троши 1,7 литар дизел во „првите“ 100 километри

Причината зошто големиот кросовер со дизелски хибрид се појавува во понудата на Audi е „2020“. Тоа е годината кога просекот од сите модели и моделски изведби на една марка ќе мора да се најде под вредноста од 4,1 литри гориво, односно под 95 грами СО2 на километар. Audi Q7 E-Tron, кој според нормите за хибридни возила троши само 1,7 литар на сто километри, секако е повеќе од добредојден во понудата.

Во реалноста, при секојдневно возење до работа и на шопинг, на спортување или на годишен одмор, дизелскиот V6 со поддршка од електромотор ќе троши меѓу пет и шест литри гориво. За кросовер со погон на сите тркала и тежина од 2,5 тони, тоа е повеќе од добра вредност. На пазарите надвор од ЕУ, подоцна ќе се нуди и верзија на овој Audi со приклучок за струја со четирицилиндарски бензинец.

Q7 E-Tron е единствен модел со погон на сите тркала и плагин-хибрид со дизел мотор

Освен Range Rover, чијшто дизелски хибрид не може да се приклучи во струја, единствено Audi нуди комбинација на спортски теренец со електромотор и дизел. Обата агрегати заедно испорачуваат системски 373 КС, што прави E-Tron да биде најсилна моделска изведба во гамата на Q7, по укинувањето на верзиите со V8 и V12. Максималниот вртежен момент од 700 њутнметри му обезбедува спринт од шест секунди до сто, а крајната брзина е ограничена на 225 km/h. Чисто на струја, во модусот EV, овој Q7 постигнува 125 km/h. Со резервоар со 75 литри и поддршка од батериите, можно е да се вози до 1.400 километри без запирање.

Со полни батерии и полн резервоар, големиот Audi може да извози 1.400 километри без запирање
Со полни батерии и полн резервоар, големиот Audi може да извози 1.400 километри без запирање

Најинтересно е сепак, колку Q7 E-Tron е способен да извози само на струја, затоа што повеќе од три четвртини од сите возења се покуси од 50 километри. Со полни батерии, Audi Q7 E-Tron без ниту капка гориво може да извози до 56 километри. Тоа е заслуга на литиум-јонската батерија, составена од 168 ќелии и вградена под подот, над задната оска. Audi дополнително има вградено систем што ја користи топлината од електричниот погон за загревање на кабината.

Само батеријата тежи 202 килограми, а целиот електричен систем, заедно со со контролната електроника и со помошните агрегати, доаѓа до 375 килограми. Затоа и тежината на хибридниот Q7 е за речиси половина тон повисока во споредба со верзијата со дизел V6. На барање на клиентот, Audi испорачува полнач за струја од 7,2 киловати, кој го скусува времето на полнење на само една третина.

Виртуелен дисплеј и врвна верзија на систем за навигација во стандардната опрема

За возачот и патниците постојано да се информирани за работата на хибридот, E-Tron поседува виртуелен кокпит, за когошто инаку се доплаќа во обичните верзии. По желба, на огромниот дисплеј се покажуваат наполнетоста, протокот на енергијата, досегот со погон на струја, повратокот на енергијата при сопирање и советите на навигацијата. Возачот може да избере да го вози E-Tron само како дизел со V6, зачувувајќи ја енергијата во батеријата, или пак, може да избере батеријата постојано да се дополнува при возењето.

Стандардно во E-Tron следува и MMI-Navigation Plus, дополнително опремена со интернет пристапот Audi Connect, а со тоа следува и една иновација. Навигацијата постојано ја информира електронската интелигенција на погонот за патот што претстои и соодветно на тоа се приспособува работата на хибридот. Доколку на пример зад превалец на патот следи надолнина, влез во населено место, остар свијок или двоење на патот, таканаречениот предвидувачки асистент за ефикасност му препорачува на возачот да ја отпушти гаста и да заштеди гориво. Во исто време, активната педала за гас пулсира и на возачот на тој начин му „советува“ да подотпушти.

Испораката стартува следната пролет по цена од 80.500 евра во Германија

Сето ова задоволство секако има и цена. Според германскиот ценовник, Q7 E-Tron чини 80.500 евра, а испораката ќе стартува во следната пролет. Тоа се речиси 20.000 евра повеќе отколку за обичниот модел со дизел V6 и 272 КС, но освен со хибридниот систем, оваа разлика се ублажува и со фактот што навигацијата, виртуелниот кокпит, диодните светла и бандажите од 19 инчи следуваат како стандард.

Audi ќе воведува плагин-хибрид во сите свои моделски серии. Стартот на E-Tron Quattro Concept е најавен за 2018 година, а продолжува и работата на останатите концепти. Audi A7 со водороден погон веќе се тестира во јавноста, а приоритетно се работи и на производство на гориво од СО2.

Технички податоци · Audi Q7 E-Tron Quattro
  • Должина x Ширина x Висина (m): 5,05 x 1,97 x 1,74
  • Меѓуоскино растојание (m): 2,99
  • Мотор: V6-турбодизел, 2967 ccm
  • Моќност: 190 kW / 258 КС при 4000/min
  • Вртежен момент: 600 Nm при 1250 – 3000/min
  • Електромотор: 94 kW / 128 КС
  • Вртежен момент на електромоторот: 350 Nm
  • Батерија: Литиум-јон 17,3 kWh
  • Системска моќност: 275 kW / 373 КС
  • Системски вртежен момент: 700 Nm
  • Крајна брзина: 225 km/h
  • Забрзување 0 до 100 km/h: 6,0 S.
  • Потрошувачка (просек): 1,7 L/100 km
  • Емисија на CO2: 41 g/km (Euro 6)
  • Тежина на празно возило: 2520 kg
  • Багажник: 650 – 1835 L
  • Цена во Германија: 80 500 евра

Претходна објаваSmart шест месеци бесплатно – но, под еден услов
Следна објаваСедум милиони посетители во музејот на Mercedes во Штутгарт

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here