за

Audi Q7 против BMW X5 на споредбен тест на Auto Bild

Фото: Auto Bild

Германскиот магазин гo соочи новиот Q7 со владетелот меѓу премиум теренците BMW X5. Марката Audi долго мируваше со големиот теренец, но конечно се враќа во форма. Ќе успее ли Q7 да го победи X5?

Во последните десет години, BMW изврши дури две генерациски замени на X5, додека во истиот период, Audi продолжи да го произведува својот Q7 во непроменета форма, со исклучок на еден фејслифт. Тоа влијаеше на продажбата на Audi, но и на имиџот на марката. „Во последните години дебелиот Audi немаше шанса против BMW ниту кај клиентите, ниту на споредбените тестови,“ оценува германскиот Auto Bild. Како причина за доцнењето се наведуваат двете значајни замени на првите луѓе задолжени за развој во марката од Инголштат.

„Сеедно во кој степен вози осумстепениот автоматик, Q7 секогаш има сила“

Audi надоместува за загубеното со изобилство од технички обележја. Новиот Q7 е до 325 килограми полесен од претходникот, односно за 200 килограми во најпопуларната верзија со дизелски V6 и 272 КС. Тој и натаму тежи два тона, но е 75 килограми полесен од BMW. Ефектот: „Уште при забрзување Audi остава многу пожив впечаток, отколку што може да се претпостави од плусот од 14 КС.“ Магазинот гледа причина за тоа во моќното повлекување на дизел моторот V6, со 600 њутмнетри веќе при 1.500 вртежи. „Сеедно е во кој степен вози фино дотераниот осумстепен автоматик, Q7 секогаш има сила,“ коментира водечкиот европски автомагазин.

Во реален сообраќај, потрошувачката на гориво на обата модела се движи околу вредноста од осум литри, што е сензационална вредност покрај големите димензии на кабината. Во тој поглед, Audi е во предност, со повеќе простор на сите седишта и со поголем багажник. Со соборени седишта, во Q7 се добива простор од два метра кубни, што е 200 литри повеќе отколку во BMW.

„Дури и братот Porsche Cayenne ќе му позавиди на Audi Q7“

Најголем напредок е постигнат во дотерувањето на подвозјето. Досега X5 беше супериорен во балансот меѓу комфорно возење и спортска управливост. Auto Bild посочува јасно: „BMW X5 може да учи од новиот Q7.“ Услов за тоа сепак е да се изберат повеќе опции од списокот. Тест-возилото било опремено со пневматска амортизација (2.050 евра) и управување на сите тркала (1.150 евра). Во таква конфигурација, Audi ги „голта и најгрубите нерамнини и на долгите бранови амортизира со мекост каква што долго време можеа да понудат само луксузните лимузини.“ По активирањето на динамичниот модус, петметарскиот Q7 се претвора во компактен автомобил. „Дури и братот Porsche Cayenne ќе позавиди,“ споредува Auto Bild. Во тој поглед, BMW се вози приближно толку добро, „но само приближно“.

audi q7 bmw x5 sporedba 1

Германците го критикуваат единствено дизајнот на кокпитот, којшто е целосно дигитализиран и со разновидни можности за ракување, како Touchpad, копчиња на воланот и централен контролер што ротира и се притиска. На тој начин, возачите што немаат толкав афинитет кон техниката се чувствуваат напнато, за разлика од BMW, којшто располага со обични контроли. Тие што ќе го совладаат новиот концепт на ракување со Q7, ќе бидат задоволни со значителното подобрување на говорните команди. Цената исто така е висока: „Со цена за основните модели од 60.900 евра за Audi и 60.100 евра за BMW, обата конкурента се доста скапи. И тоа не само релативно.“

Магазинот заклучува: „Audi го произведува најдобриот луксузен спортски теренец. Просторен, а штедлив, комфорен и спортски. BMW не е полош и вози на приближно исто ниво.“

audi q7

bmw x5

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова се најпродаваните модели во светот во март

Дали ова е најгрдиот BMW на сите времиња?