за

Следниот Audi Q3 ќе вози на струја

Двојката A3 и Q3 во иднина ќе биде влез во гамата на Audi, откако ќе си заминат A1 и Q2. Германскиот Ауто Билд има детали за новите модели.

Audi воведува промени во моделската постава и повеќе го нагласува премиум карактерот на марката. Како дел од промените, градскиот Audi A1 и СУВ-варијантата Q2 заминуваат од понудата на Баварците. Следната генерација на A3 и Q3 ќе биде новата основна понуда на Audi. Двата модели ќе возат и на струја.

Германскиот магазин Ауто Билд јавува дека „одбројувањето е во тек“. Уште 1.000 денови и Audi повеќе нема да претставува нови генерации модели со мотор со внатрешно согорување под хаубата, барем не во ЕУ. Храбриот план предвидува сите нови генерации модели што ќе се претставуваат по 2026 година, да бидат чисто електрични модели. Постоечките модели со бензински и дизел мотори ќе останат во понуда до завршетокот на предвидената продукција. По 2035 година, Унијата не дозволува да се продаваат нови автомобили со мотор со внатрешно согорување.

Audi не се збогува само со моторите што согоруваат фосилни горива, туку и од малечките модели A1 и Q2, коишто користат техника од Volkswagen Polo. Гамата повеќе се посветува на премиум моделите, што се водечки во своите сегменти.

Новата генерација на Audi Q3 ќе биде претставена во 2025 година

Како што наведува Ауто Билд, новите основни модели во гамата на Audi во иднина ќе бидат A3 и Q3. Наследникот на компактната комбилимузина, што во својата 4-та генерација е на пазарот од 2020 година, треба да се појави во 2027 година.

Една година пред тоа, Audi ќе претстави електрична верзија на A3, којашто ќе се продава заедно со моделите со обични мотори. Новата електрична платформа, што се води како Scalable Systems Platform (SSP), дотогаш нема да биде готова за производство. Тоа ќе се случи најрано во 2028 година, а веројатно во 2030 година, предвидува Ауто Билд.

Тоа значи дека следниот Audi A3 ќе користи приспособена верзија од модуларната електрична платформа MEB, што се користи за ID-моделите на VW, како и за Audi Q4 e-tron. Актуелниот Q3 е на пазарот од 2018 година и се очекува дека наследникот ќе биде претставен во 2025 година. Тоа е последната година во којашто Инголштат ќе пушта нови генерации модели со мотори со внатрешно согорување.

New item by Automedia MK / Google Photos

Основата за следниот Q3 доаѓа од Volkswagen Tiguan, чиешто деби е планирано за 2024 година. Тој исто така ќе се нуди во верзии со бензински и дизел мотори. Оттаму може да се очекува дека во Q3 ќе работат дволитарски дизел и 1,5-литарски бензинец, а веројатно ќе се нуди и изведба со приклучен хибриден погон. Новината е во тоа што во Инголштат паралелно се развива и чисто електрична изведба.

Со должина од 4,60 метри, Audi Q4 e-tron е за нијанса преголем, за во подолг рок да остане како основа на електричната понуда на марката. Останува простор за помал модел, за електричен Q3 e-tron, кој воедно ќе понуди и цена под 50.000 евра. Електромобилноста ќе забрзува уште поубедливо во следните години, така што менаџерите во Ингоштат сигурно нема да остават дел од пазарот да остане непотполнет со модел.

Идниот Audi Q3 e-tron ќе има дури и предност над Q4 e-tron, којшто ја користи првата генерација на MEB-платформата. Помалиот модел ќе ја добие EVO-варијантата на таа електрична платформа.

Концернот вложува милијарди во усовршувањето на платформата. Новите батерии ќе овозможуваат подолг досег и покусо полнење, додека во исто време им се смалува цената.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Kia лани првпат продаде повеќе од 100.000 возила во Британија

Toyota ја заврши 2022 година со рекорден удел на европскиот пазар