Кросоверот изработен врз платформата на Audi A3 ќе биде претставен во март на салонот во Женева, како поедноставна и помладешка верзија на Q3 – и со пониска цена. Моментно се тестира техниката во услови на екстремен студ.
На салонот во Женева во март се очекува Audi да го претстави првиот „Q“ со парен број, компактниот спортски теренец Q2. Според димензиите на каросеријата, тој ќе биде блиску до Q3, но ќе има помладешки стил и поедноставна опрема, а со тоа и пониска цена. Ентузијастите на марката го очекуваат Q2 со нетрпение, како прв модел што ќе го носи дизајнерскиот потпис на новиот шеф Марк Лихте. Дизајнерот го привлече вниманието на автомобилската јавност со серијата дизајнерски студии Prologue, како најава за стилската трансформација на марката од Инголштат.

Audi Q2 во секој случај ќе биде еден од најзначајните новитети во 2016 година и во принцип не е класичен Q-модел туку е комбинација од Sportback, Avant и кросовер. Задача на Лихте е да воспостави поголема разлика во дизајнот на одделните моделски серии на Audi, но и во нивоата на опрема во иста моделска серија. Моделските изведби на Q2 ќе се разликуваат во изведбата и стилот на предната маска, отворите за воздух, арките на крилата, праговите, бандажите и во задните столбови. На тој начин, со мала интервенција во стилот ќе се постигне поголема индивидуалност меѓу различните изведби на Q2. Тоа ќе се постигнува со хром, карбон или сјаен црн лак.
Новиот дизајн се однесува и на кокпитот на идните модели на Audi
Промени следуваат и во дизајнот на ентериерот. Кокпитот ќе биде завртен кон возачот, а средишната конзола ќе биде потесна. Спортски детал ќе бидат отворите за воздух во стилот на Audi TT. Дигиталната табла што може да се програмира, исто така нема да отсуствува во најмалиот Q. Новитети се очекуваат и во централното ракување MMI.
Кросоверот од 4,30 метри ќе ја користи модуларната платформа MQB. Понудата од погонски единици ќе стартува со турбо-трицилиндарецот со зафатнина од еден литар, додека во топ-моделот SQ2 ќе работи дволитарец со моќност од околу 300 КС.

Екстремната спортска изведба RS веројатно ќе го добие 2,5-литарскиот петцилиндарец. Неизвесност постои околу изведбата со плагин-хибриден погон, но затоа е сосема сигурно дека во 2017 година ќе се појави дополнителна каросериска верзија на купе-теренец.
Цената на основниот модел би изнесувала околу 25.000 евра, односно меѓу A3 Sportback и Q3. Планот е годишната продукција да достигне најмалку 70.000 примероци.
















