Кинески Нио се токми да ја преземе фабриката на Ауди во Брисел

Кинескиот производител на електрични автомобили Нио се јави како можен купувач на фабриката на Ауди во Брисел, којашто се соочува со опасност да биде затворена.

Нио ја подготвува својата понуда за фабриката, објави белгискиот дневник Де Тијд.

Фолксваген, матичниот концерн на Ауди, во јули соопшти дека се размислува за затворање на фабриката во Брисел, поради забавената побарувачка за електричниот Ку8 Е-Трон. Тоа е единствениот модел што Ауди го произведува во белгиската фабрика.

Со произведувањето автомобили во Брисел, Нио ќе биде во состојба да ги избегне повисоките царини што Европската Унија ги одреди за увозот на електрични автомобили од Кина.

ЕУ одреди царинска тарифа во висина од 21 проценти за електричните автомобили на Нио што се извезуваат за Европа, по завршувањето на истрагата на Унијата за високите субвенции што производителите од Кина ги добивале од државата.

Претставници на белгиските работнички синдикати потврдија дека делегација составена од можните кинески инвеститори ја посетила фабриката во Брисел.

Нио во првите осум месеци од годинава продаде 1.777 возила во Европа. Најголемиот дел од продажбата отпаѓа на лимузината ЕТ7.

 

Претходна објаваШкода Суперб задржува најмногу од вредноста низ годините
Следна објаваВо Хаг наскоро ќе бидат забранети рекламни билборди за автомобили со обичен погон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here