Ауди го замени својот модел од средната класа А4 со новиот А5. Тоа е дел од новиот начин на означување на моделите на Ауди, со тоа што електричните модели ќе носат парен број, додека за моделите со мотори со внатрешно согорување ќе се користат непарни броеви.
А5 е прв модел што е конструиран врз платформата ППЦ на Ауди, кусо од Премиум Платформ Комбашчн, односно платформа наменета за премиум моделите на концернот ФВ, со мотори со внатрешно согорување. ППЦ нема поврзаност со платформата Премиум Платформ Електрик (ППЕ), што ја користат електричните модели, како Ку-6 Е-трон и електричниот Порше Макан.
Ауди ќе го нуди новиот А5 на европскиот пазар во лимузинска и комби изведба. Купето и кабриолетот што во моментов ја носат ознаката А5 нема да добијат замена.
Лимузината се одликува со форма што е инспирирана од купе, но назад има петта врата, за да се постигне практичноста на А5 Спортбек што заминува во пензија.
И покрај тоа што беше лансиран пред девет години, тековниот А4 уште наидува на добра побарувачка. Тоа е втор најпродаван модел од премиум марка во средната класа во првите пет месеци. Продадени се 34.166 примероци, помалку од серијата 3 на БМВ што ја предводи продажбата во сегментот.
Основните модели ќе користат дволитарски турбо бензинец со 150 или 204 КС. Понудата ја дополнува дволитарски дизел со 204 КС, изведен како 48-волтен благ хибрид.
Спортските модели С5 ќе корисат 3,0-литарски Ве-6 турбо бензинец со истата електрификација како дизелот со благ хибрид и ќе постигнува системски 367 КС.
Погон на сите тркала е достапен кај дизелот и кај посилната изведба на бензинецот, а стандард е кај С5.
Кон средината на 2025 година ќе биде лансиран модел со приклучен хибриден погон, со електричен досег до 100 километри, најавуваат од Ауди.
Според Ауди, задната врата е новина во сегментот. Таа се отвора заедно со задниот прозоред и го олеснува пристапот до багажникот. Шкода Октавиа отсекогаш го нуди тоа каросериско решение.
А5 ја користи новата електрична архитектура на концернот Фолксваген, што своето деби го имаше кај Порше Макан и Ауди Ку-6. Двата модели доцнеа токму поради новата архитектура. Таа користи Софтвер 1.2 што е дело на Кариад, посестринска компанија на концернот. Производителот ветува подобрено дигитално искуство за корисниците.
Во кокпитот може да бидат вградени три екрани, вклучувајќи и екран од 10,9 инчи за совозачот. Возачот има на располагање дигитални инструменти од 11,9 инчи, во средината се наоѓа заоблен дисплеј од 14,5 инчи, со технологија ОЛЕД и со висока резолуција.
На предниот дел на Ауди А5 доминира проширената и пониска маска Синглфрејм, со тридимензионална саќеста структура.
Должината во споредба со А4 е зголемена за 67 милиметри на 4.829 милиметри, исто е зголемено и меѓускиното растојание на 2.900 милиметри (+80). Ширината е зголемена за 13 милиметри, на 1.860 милиметри, во висина има 16 милиметри повеќе (1.444 милиметри).
Внатрешноста на А5 е редизајнирана со цел да им се даде поголемо значење на дигиталните функции.
Дизајнот на возилото става повеќе нагласок на проширената и снижена маска, со потенки светла. Како резултат од тоа, автомобилот има „впечатлив и фокусиран израз“, стои во соопштението од Ауди. Назад има тридимензиоинална светлечка лента.
Нарачките во Германија почнуваат уште месецов, лимузината почнува од 45.200 евра. Испораката ќе следи во ноември за главнината од европските пазари, вклучувајќи ја Германија.
















