На продажниот старт на новиот Audi A4 стојат на располагање три бензински и четири дизел мотори. Особено внимание привлекува новата технологија во 2.0 TFSI. Што е тајната на неговата суперштедливост?
Дволитарскиот бензинец со турбонатполнење и директно впрскување на горивото привлекува најголемо внимание во понудата на мотори во новиот Audi A4. Тој воведува иновација во процесот на согорување на горивото, со цел да се постигне оптимален сооднос меѓу потрошувачката на гориво и перформансите, односно степенот на ефикасност да се зголеми на уште повисоко ниво. Моторот 2.0 TFSI со зафатнина од 1.984 ccm стои на располагање во две варијанти на моќност. Неговите технички финеси се издувна гранка интегрирана во главата на моторот, лизгачки модул за управување со ладењето на моторот, варијабилни одови на издувните вентили, електрично контролиран вентил на турбополначот, и главната иновација, дуалното впрскување – при умерено оптоварување на моторот, освен преку директното впрскување FSI, моторот добива гориво и преку индиректното впрскување во вшмукувачката гранка.
Дволитарскиот TFSI го воведува поимот за „вистинска големина“ во замена за „даунсајзинг“
Во врвната верзија со 252 КС, моторот 2.0 TFSI постигнува вртежен момент од 370 њутнметри меѓу 1.600 и 4.500 вртежи. Тоа овозможува спортски перформанси. Во верзија со погон quattro и седумстепен менувач со двојна спојка S tronic, новиот A4 со овој мотор забрзува до сто за 5,8 секунди, а крајната брзина е ограничена електронски на 250 km/h. Втората варијанта на 2.0 TFSI се нуди како штедлива изведба „ultra“, со 190 КС и вртежен момент од 320 њунтметри меѓу 1.450 и 4.200 вртежи. Перформансите на заостануваат во „штедливата“ верзија. Забрзувањето до сто трае 7,3 секунди, крајната брзина е 238 km/h. Тоа што импресионира особено е потрошувачката: A4 2.0 TFSI ultra троши просечно 4,8 литри бензин на сто километри.

За овие резултати е заслужна новата стратегија на Audi. Досега применуваниот „downsizing“, односно смалувањето на моторите и компензацијата преку турбонатполнење, се заменува со „rightsizing“, односно мотори што соодветствуваат со големината на моделот и со вообичаените услови на возење на истиот. Тоа значи дека моторите се враќаат на „вистинската големина“. При умерено возење, 2.0 TFSI троши колку агрегат со помала зафатнина, додека при спортско возење тој се однесува како да има поголема зафатнина. Најголемиот недостаток на даунсајзинг-моторите беше енормното зголемување на потрошувачката при поголемо оптоварување. Трендот на „даунсајзинг“ масовно ги зафати производителите, затоа што им овозможи да прикажат нереално ниски вредности на потрошувачка на гориво, со цел да ги задоволат строгите ограничувања на европските законодавци. Возачите во реалноста добиваа сосема поразлични вредности, што предизвика остра дебата, и производителите сега реагираат со „пореални“ решенија.
Комбинација од директно и индиректно впрскување носи предности во потрошувачката и во перформансите
Новиот процес на согорување со скусена фаза на компресија и продолжена фаза на експанзија, во комбинација со зголемен степен на компресија е конципиран специјално за работа на моторот под умерено оптоварување, односно за најзастапениот режим на работа во секојдневното возење. Вшмукувачките вентили се затвораат многу порано од вообичаено, што заедно со зголемениот притисок во вшмукувачката цевка води кон намалување на загубите при вшмукувањето.

Скусувањето на фазата на компресија овозможи степенот на компресија да се зголеми од 9,6 на 11,7:1. Во фазата на компресија, моторот компримира исто толку гасови колку 1.4 TFSI. Во зафата на експанзија, користејќи ја во целост работната зафатннина од два литра, моторот повторно профитира од високиот степен на компресија. Преку повисокото ниво на притисок при согорувањето што произлегува од иновативниот процес, се зголемува и ефикасноста на моторот.
За да се постигне доволно вртложење на полнежот и покрај кусото време на вшмукување, коморите за согорување, челото на клиповите и вшмукувачките канали, како и натполнењето на новиот 2.0 TFSI се модифицирани специјално за новиот процес на согорување. Доцното отворање на вшмукувачките вентили при повисоко оптоварување се грижи за подобро полнење, односно за ослободување повисока моќност и повисок вртежен момент. Притисокот на впрскување на горивото е зголемен на 250 бари.
Моторот од 1,4 литар и моќност од 150 КС е основа на понудата
Основниот мотор е 1.4 TFSI со моќност од 150 КС и вртежен момент од 250 њутнметри меѓу 1.500 и 3.500 вртежи. Во комбинација со седумстепен менувач со двојна спојка, овој мотор ја забрзува лимузината за 8,5 секунди до сто и до крајна брзина од 210 километри на час. Во оваа конфигурација, потрошувачката на гориво изнесува 4,9 литри, односно 21 проценти помалку во споредба со 1.8 TFSI кај претходникот.
Целосно алуминиумскиот мотор со тежина под 100 килограми поседува комплексна техника. Издувната гранка е интегрирана во главата на моторот, што придонесува за побрзо загревање, а со тоа и побрзо надминување на фазата на работа на моторот со зголемена потрошувачка на гориво. Главата и блокот имаат посебен круг во системот за ладење на моторот. Турбополначот и периферијата се оптимирани за брз раст на притисокот на натполнење. Турбината со т.н. конструкција mixed-flow поседува низок степен на инерција, електричната регулација на притисокот на натполнење овозможува прецизна работа, додека интеграцијата на интеркулерот во вшмукувачката гранка се грижи за куси патишта на гасовите. Системот за напојување со гориво со заеднички вод под висок притисок работи под 200 бари. Запчестиот ремен има рок на експлоатација колку и самиот мотор.

Бестселерот во гамата на Audi A4, дволитарскиот TDI, исто така се нуди во две изведби на моќност. Првата ослободува 150 КС и вртежен момент од 320 њутнметри меѓу 1.500 и 3.250 вртежи, втората располага со 190 КС и вртежен момент од 400 њутнметри меѓу 1.750 и 3.000 вртежи. Неговата техника е комплексна, со одвоени кругови на системот за ладење, две балансирачки вратила, сензор за притисок во цилиндрите, намалено внатрешно триење и впрскување гориво под притисок до 2.000 бари.
Во комбинација со седумстепен S tronic, основниот дизел со 150 КС спринтува до сто за 8,7 секинди и постигнува крајни 219 km/h, а просечната потрошувачка во верзијата со мануелен менувач о шест степени изнесува 3,8 литри на сто километри. Посилната верзија со 190 КС во комбинација со S tronic троши 4,1 литри дизел, постигнува сто за 7,7 секунди и крајна брзина од 237 km/h. Обете верзии на 2.0 TDI ќе бидат достапни и како модели „ultra“, со продолжен пренос, модификации во аеродинамиката на каросеријата, спуштено подвозје и гуми со намалено триење. Во овие верзии, потрошувачката се смалува на 3,7 литри во комбинација со мануелен менувач. Тоа е рекорд во премиум сегментот. Подоцна ќе се придружи верзија на 2.0 TDI со моќност од 122 КС.
Трилитарскиот дизел е најефикасен шетцилиндарски мотор во светот
Врвот во гамата го означува шестцилиндарскиот 3.0 TDI со 272 КС, заедно со послабата верзија на моторот со 218 КС. Тој исто така претрпе модификации за новата генерација на A4, со комплексно ладење на моторот, нови глави, намалено триење, модифициран погон преку синџир и електрично контролиран турбополнач, кој произведува притисок до 2,0 бари. Во послабата верзија, A4 3.0 TDI clean diesel со 400 њутнметри меѓу 1.250 и 3.750 вртежи троши 4,2 литри дизел, со што тој е најефикасен шестцилиндарски мотор во светот.
Верзијата со 272 КС доаѓа до 600 њутнметри меѓу 1.500 и 3.000 вртежи, при перформанси на спортски автомобил и во стандардна конфигурација со погон quattro: Спринтот на оваа верзија за којашто е резервиран осумстепениот автоматски менувач трае 5,3 секунди, брзината е електронски ограничена на 250 km/h. Потрошувачката на дополнителните коњски сили бара само 4,9 литри дизел на сто километри.
















