за

Audi без возач ќе се трка со 240 km/h на патеката во Хокенхајм

Инженерите во Audi имаат нова занимација. Нивниот концептен автомобил нема потреба од возач за да победува на трките и ќе го демонстрира тоа на завршната трка во шампионатот DTM.

Audi RS 7 piloted driving concept е името што го носи последниот автомобил излезен од развојното одделение во Инголштат. Во неговото име навидум нема ништо спектакуларно, но затоа има во неговите можности. Овој Audi не само што поседува технологија за самостојно возење, туку може и да се трка без каква било асистенција од возач во возилото. Концептот RS 7 pivoted driving прецизно и точно до милиметар вози на границата на законите на физиката и според Audi може да постигне брзини како професионален тркач.

Според досегашните тестирања, инженерите на марката со четирите прстени очекуваат да постигнат време од нешто повеќе од две минути на тркачката патека во Хокенхајм, односно на најбрзите делници од гран-при патеката RS 7 ќе вози со брзини и до 240 km/h. Сензацијата е во тоа што целата јавност ќе може да посведочи на напредните способности на технологијата на самостојно возење што ја развија инженерите на Audi. Нивниот RS 7 ќе вози на германската патека за формула 1 на 19-ти октомври, во рамките на завршната трка во сезоната во DTM, германскиот шампионат на кружни патеки. Германците ветуваат вистински спектакл на висока технологија, којшто ќе може да се следи ексклузивно на https://audimedia.tv/de.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

10 факти за новиот Volkswagen Passat

Вардарци во ново урбано доживување со Nissan Qashqai