за

Audi со јубилеен модел за 25-годишнината на TDI

Баварците го избраа Audi A7 Sportback за одбележување на роденденот на технологијата TDI. Специјалната серија A7 Sportback 3.0 TDI competition вози со 326 КС и на германскиот пазар чини 72.000 евра.

Во Audi A7 Sportback 3.0 TDI competition работи трилитарскиот дизел со битурбо натполнење и дополнителни 7 КС наспроти стандардниот мотор, коишто се постигнати со модификации во турбонатполнењето и во брегастите вратила. Под полно оптоварување, моторот краткотрајно „извлекува“ резерва од уште 20 КС. Максималниот вртежен момент од 650 њутнметри се испорачува во подрачјето меѓу 1.400 и 2.800 вртежи.

Соодветно на динамичниот карактер, Audi A7 Sportback 3.0 TDI competition станардно се испорачува со спортскиот пакет S line во когошто спаѓа и подвозје спуштено за 20 милиметри. Бандажите од 20 инчи, со пет краци во W-дизајн, препознатливи се по црниот раб, а на нив се монтирани гуми 265/35. Спортската нота ја нагласуваат сопирачките клешти во црвена боја и сопирачките дискови со пречник од 17 инчи на обете оски.

За каросеријата на специјлната серија competition ќе стојат на располагање дајтона сива, мизано црвена, нардо сива и сепанг сина боја.

Во стилот на спортскиот пакет S line, во внатрешноста на Audi A7 Sportback 3.0 TDI competition доминира црната боја. Спортските седишта се обложени со кожа во црна или сива боја, со втиснато лого S line. Во сериската опрема спаѓаат диодни светла и трепкач со динамичен импулс на работа. Со доплата се достапни и матрични диодни светла, навигација MMI plus и разни системи за асистенција од типот на систем за ноќно следење на патот. Нарачките за специјалната серија Audi A7 Sportback 3.0 TDI competition на германскиот пазар стартуваат во август, цената е 72.000 евра.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Произведен шестмилионитиот Audi со погон quattro

Ford Fiesta дојде и до 140 КС со еднолитарскиот Ecoboost