Audi испорача 149.200 возила во октомври, што е повеќе отколку во истиот месец лани. Порастот во продажбата од 16,8 проценти во САД докажува дека аферата со дизелите не влијае врз купувачкиот дух.
Последниот квартал од годинава за Audi започнува со пораст во продажбата од 2 проценти. Марката со четирите прстени во октомври продаде 149.200 возила во светот, а особено е оптимистички растот од 16,8% на пазарот во САД, од каде што започна аферата со дизелите на концернот Volkswagen. Тоа укажува дека купувачите ја препознаваат аферата како политички проблем, повеќе отколку како проблем со механиката или квалитетот на возилата на германскиот концерн. Од почетокот на годинава се продадоа 1.497.150 автомобили на Audi или 3,6 проценти повеќе отколку во првите десет месеци лани.
Бестселерот A4 неделава стартува со продажба во новата генерација
Продажбата ќе добие дополнителен поттик откако ќе стартува новата генерација на бестселерот Audi A4. Лимузината и комбито од средната класа од неделава ќе се најдат во продажните салони во европските земји. Претходната генерација од моделот беше најуспешна, со над 2,4 милиони продадени примероци.
Добри резултати има од обата нови модела Audi TT и Q7. Спортското купе во октомври се продаде во 2.400 примероци, додека Audi Q7 забележа раст од 55,3 проценти, со 7.600 примероци. Моделите од семејството на A6 во октомври постигнаа продажба од 24.500 примероци.
Најголем раст е постигнат во САД, со +16,8%, односно вкупно 17.700 возила. Во Европа предничи растот во Франција (+11%, 5.495 возила), Италија (+11,9%, 4.602 возила) и Холандија (+30,4%, 1.619 возила).
| Октомври 2015 | Промена | Јануари до октомври 2015 | Промена | |
| Свет | 149.200 | +2,0% | 1.497.150 | +3,6% |
| Европа | 67.350 | +3,4% | 680.000 | +3,8% |
| – Германија | 23.004 | +0,4% | 231.371 | +4,7% |
| – В. Британија | 13.257 | +4,2% | 146.827 | +5,2% |
| – Франција | 5.495 | +11,0% | 49.898 | +3,3% |
| – Италија | 4.602 | +11,9% | 45.790 | +9,7% |
| – Шпанија | 3.380 | +7,7% | 38.347 | +12,7% |
| – Русија | 2.155 | -17,9% | 21.121 | -25,5% |
| САД | 17.700 | +16,8% | 165.103 | +13,0% |
| Мексико | 1.165 | +22,9% | 11.388 | +8,9% |
| Бразил | 1.345 | +12,0% | 14.394 | +32,5% |
| Кина | 46.763 | -2,8% | 461.174 | -0,6% |
















