за

Audi развива амортизери што произведуваат струја на секоја дупка

Голема револуција претстои во амортизерите, коишто во иднина ќе овозможат уште покомфорно возење, но и ќе произведуваат струја од секое движење на тркалата.

Техничарите на Audi не сакаат да пропуштат каква било можност за искористување на енергијата. Нивна актуелна занимација е добивање енергија од подвозјето, поточно од подвижните елементи во него. Во Инголштат се тестираат прототипи на „eRot“, на електромеханички ротациски амортизери коишто ќе ги заменат сегашните хидраулични амортизери. Заедно со способноста да произведуваат струја, овие амортизери го прават и возењето покомфорно.

Audi elektrohidraulicni rotaciski amortizeri

Принципот на eRot го објаснува др. Штефан Книрш, главен техничар во развојот во Audi: „Секоја ударна дупка, секоја нерамнина, секој свијок произведува енергија на движење во автомобилот, којашто постоечките амортизери ја примаат и истата се губи како топлинска енергија. Со новиот електромеханички систем на амортизација во 48-волната струјна мрежа сега ја искористуваме оваа енергија.“ Покрај тоа што придонесуваат за економичноста, со новите амортизери се отвораат и дополнителни можности за регулирање на подвозјето.

Се надминува меѓусебната зависност на повратните и работните одови

Системот eRot работи брзо и со мала инерција. Како амортизација со активна регулација, тој совршено се приспособува на нерамнините на подлогата и на стилот на возење. Работата на амортизерите се дефинира преку софтвер, со когошто се проширува нивниот обем на функции. Овие амортизери од следната генерација не се сведува на меѓусебна зависност на повратните и работните одови, со што се надминуваат ограничувањата на хидрауличните амортизери.

Тоа значи дека амортизерите можат меко да ги примаат нерамнините на подлогата, но веднаш потоа да реагираат круто и да го спречат клатењето на каросеријата.  Следна предност е геометријата на новиот систем на аморетизација. Електромоторите коишто се вградени хоризонтално во подрачјето на задната оска ги заменуваат исправените телескопски амортизери. Од тоа профитира зафатнината на багажникот.

Audi elektrohidraulicni rotaciski amortizeri

Покрај можноста за програмирање на работата, системот eRot располага и со втора функција. Тој ја претвора кинетичката енергија при повратните и работните одови на амортизерите во струја. Еден лост ги прима движењата на тркалото и преку преносник ги предава на електромотор, којшто истите ги претвора во струја. Рекуперациската моќност, односно повратокот на енергијата, при тестирањето се движела меѓу 100 и 150 вати, од минимално три вати на свежо асфалтиран автопат до 613 вати на запуштен спореден пат. Заштедата е минимална и достигнува 0,13 литар на сто километри, но натамошниот развој сигурно ќе го зголеми потенцијалот за заштеда. Секако дека инженерите на Audi во развојната фаза нема да го откријат целиот потенцијал и да ја „освестат“ конкуренцијата.

Примената на eROT е условена од постоење на 48-волтна мрежа во возилото

Новата технологија eRot се заснова врз струјна мрежа од 48 волти. Во сегашната фаза од истражувањето, литиум-јонската батерија во системот располага со капацитет од 0,5 киловатчас и 13 киловати максимална моќност. Трансформатор ја спојува 48-волтната помошна мрежа со 12-волтната главна мрежа, во којашто работи генератор со висока ефикасност и зголемена моќност.

Првите резултати ветуваат многу и се размислува за идна примена на eRot во сериските модели на Audi. Предуслов е моделите да располагаат со 48-волтна мрежа, којашто е централен елемент во стратегијата за електрификација на марката со четирите прстени. Веќе в година, новата генерација на знаменосецот A8 ќе пристигне со 48-волтна мрежа којашто ќе биде главна струјна мрежа и дополнително ќе снабдува енергија за „благ“ хибриден погон. Заштедата на енергија со оваа технологија може да достигне до 0,7 литар на сто километри.

[FAG id=25224]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кои се добавувачите што го загрозуваат целиот концерн Volkswagen?

Проблематичниот добавувач на Volkswagen му задава главобoлки и на Mercedes