Идната генерација на моделот од средната класа на Audi се откажува од експерименти. Новиот модел ќе биде значително полесен и поштедлив, според формулата што функционира одлично кај Golf VII.
Причината за откажувањето од вообичаените технички иновации при воведувањето на новите моделски генерации на Audi е крајно едноставна. Моделот се продава одлично во континуитет и менаџерите на куќата со четирите прстени едноставно не сакаат да влегуваат во експерименти, за кои секогаш постои опасност да не бидат прифатени од купувачите.
Во минатата година Audi A4 се продаде само на домашниот пазар во околу 60.000 примероци. Според тоа, загубата би била огромна доколку идниот A4 отстапи од формулата што досега успеваше. Најголемите промени кај новиот A4 ќе бидат во димензиите, тој ќе порасне во должина и ширина, исто како и во просторната понуда во кабината, но во исто време ќе биде 100 килограми полесен од сегашниот модел и ќе тежи 1.380 килограми во основната изведба.
Врв во понудата на мотори ќе биде трилитарскиот TDI со 272 КС и вртежен момент од 600 њутнметри. Погонот quattro ќе биде достапен стартувајќи од верзиите со моќност од 150 КС и 320 њутнметри. Напред ќе има дневни светла во форма на двојно V, а назад ќе има светла со светлечки диоди со тридимензионален ефект. Задната клупа кај комбито Avant ќе биде поделена во сооднос 40:20:40, а контролата на притисокот во гумите и мултифункцискиот волан ќе бидат опфатени во сериската опрема.