Според педантните статистики на германските осигурителни компании, марката со четирите прстени ужива поголема популарност од BMW и кај крадците. Единствено Land Rover се краде повеќе и од Audi.
На списокот на најпопуларни марки кај крадците на автомобили, Audi го престигна BMW. Според германската статистика на кражби, во минатата година се зголемил бројот на украдени автомобили за 24 проценти, односно на вкупно 2.841 возило. Просечната стапка на кражби на Audi се зголемила од 1,0 на 1,2 возило на секои 1.000 автомобили со каско осигурување. Најмногу погодени се сопствениците на спортските лимузини S4, S3 и S6. Единствено Land Rover ужива поголема популарност кај крадците од Audi. Со 192 украдени автомобили од оваа марка, просечната стапка на кражби се зголемила на 3,1 возила на секои 1.000 каско осигурани примероци од марката. Зад Land Rover и Audi, е BMW на третото место, со 2.748 возила. Популарноста на баварската марка опаѓа кај крадците. Полани, стапката изнесувала 1,1 возило, а лани 1,0 возило. Најчесто се крадат X6 и X5.
Во Германија лани се украле вкупно 18.805 возила со каско осигурување. Тоа претставува зголемување од 4 проценти во споредба со полани, но не ги загрижува осигурителите, затоа што стапката и натаму е на ниско ниво. Во 2001 година се краделе двојно повеќе возила, а во 1993 и 1994 година и преку 100.000 возила. Затоа пак расте вредноста на отштетата. Во 2013 година, таа изнесувала во просек околу 14.000 евра, што значи дека осигурителните компании им исплатиле 263,9 милиони евра на осигурениците.
















