На салонот во Детроит во 2013 година, тогашниот шеф на концернот Мартин Винтеркорн го претстави концептот на голем кросовер на Volkswagen што ќе се продава само на пазарот во САД и ќе се произведува локално. Серискиот модел го доби името Atlas и ќе стартува со продажба за неколку месеци.
Volkswagen беше мошне самоуверен при изборот на името. Во грчката митологија, Атлас го носи универзумот на своите плеќи. Германската марка не претерува премногу со тоа што му припишува олкава одговорност на кросоверот Atlas. Од успехот на новиот модел зависи дали Volkswagen ќе постигне поголем пробив на американскиот пазар или ќе мора да биде задоволен со местото на втора најголема европска марка на локалниот пазар – по Mercedes.
Во споредба со концептот Cross Blue од пред три години, дизајнот на Atlas доби поостри црти. Предниот дел остава впечаток на моќ и робусност, со симулирана заштита на подвозјето, строго хоризонтални линии во маската и правоаголни светла. Отстрана доминира високо извлечениот раб којшто се слева со моќно испакнатите крила. Линијата на задните прозорци се прекршува нагоре, додека опашот го пренесува стилот од предниот дел, со остри линии и големи светла. Секако дека не смее да отсуствува дебела хромирана лајсна во стилот што им се допаѓа на Американците, со моделското име во неа.
Над пет метри во должина, но ценовно позициониран под Touareg
Atlas е впечатлив и со големината. Должината изнесува 5,04 метри, за два метри во ширина му недостигаат само два сантиметри, додека со висината од 1,77 метар би имал проблеми во европските катни гаражи. Со димензиите, Atlas го остава во сенка и Touareg, којшто е позициониран повисоко и значително е поскап.
Изненадување може да биде тоа што гигантскиот Atlas ја користи платформата MQB, исто како Golf или триото Tiguan, Ateca и Kodiaq. Со тоа се докажува големата флексибилност со којашто располага оваа платформа на концернот.
Како основен мотор во понудата се вградува дволитарски турбо-бензинец со 238 КС, во комбинација со осумстепен автоматски менувач и погон на предната оска. Вториот мотор во понуда е 3,6-литарскиот VR6 со 280 КС, кој работата ја завршува без турбонатполнење и со препознатливиот сонорен звук. Поради потребата од соодветно напојување на неговите коњски сили, овој мотор речиси целосно е исчезнат од европската понуда, но потрошувачката не претставува проблем на пазарот во САД, покрај ниските цени на горивото. Единствено шестцилиндарскиот модел е достапен во верзија со погон на сите тркала, со четири програми на работа на погонската спрега, зависно од подлогата.
Дизел моторот засега отпаѓа како опција од големиот кросовер за САД
Дизел мотор би бил совршен во големиот Atlas, но поради дизел-аферата, којашто потекна токму од американскиот пазар, Volkswagen не размислува да ја понуди оваа опција. Плагин-хибрид исто така не доаѓа предвид, затоа што цените се премногу чувствителна тема во сегментот каде што цели Atlas.
Системите за асистенција пристигаат заедно со платформата MQB, што подразбира систем за следење лента, надгледување на мртвите агли и автоматско паркирање. Со доплата се добива дисплеј од течни кристали, исто како и озвучување од марката Fender со моќност од 480 вати.
Врвниот модел на опашот ја носи ознаката SEL, додека нивоата на опрема под него соодветно се означени со S и SE. Ова именување очигледно е поведено од моделите на Mercedes од 1980-те години. Логиката е едноставна: Колку повеќе букви, толку повеќе опрема следи во Atlas.
Atlas располага со понапредна техника од конкурентите во сегментот
Во повисоките нивоа на опрема се вградуваат дрво, алуминиум и панели со сјаен финиш, заради облагородување на атмосферата во внатрешноста. На трите реда седишта има место за седум патници.
Најпродаваните 20 марки на пазарот во САД од јануари до септември
| # | Марка | Продажба до септември |
| 1. | Ford | 1.896.858 |
| 2. | Toyota | 1.532.767 |
| 3. | Chevrolet | 1.531.912 |
| 4. | Honda | 1.108.653 |
| 5. | Nissan | 1.086.249 |
| 6. | Jeep | 710.176 |
| 7. | Hyundai | 584.980 |
| 8. | Kia | 491.764 |
| 9. | Subaru | 446.887 |
| 10. | Ram | 397.333 |
| 11. | Dodge | 394.535 |
| 12. | GMC | 391.432 |
| 13. | Mercedes | 274.360 |
| 14. | Lexus | 236.193 |
| 15. | Volkswagen | 231.268 |
| 16. | BMW | 230.133 |
| 17. | Mazda | 224.267 |
| 18. | Chrysler | 194.017 |
| 19. | Buick | 169.767 |
| 20. | Audi | 151.809 |
Големиот модел на Volkswagen ќе ја стартува американската кариера во следната пролет, во конкуренција на моделите на General Motors што се базираат врз платформата Lambda, односно Buick Enclave, Chevrolet Traverse, GMC Acadia, како и Nissan Pathfinder и Toyota Highlander. Со техниката со којашто располага, на Atlas не би требало да му претставува проблем да ги остави овие конкуренти зад себе.
Доколку Atlas не го постигне посакуваниот успех на американскиот пазар, на Volkswagen му останува надеж за извозните пазари. Од крајот на 2017 година, големиот кросовер ќе стартува со продажба во Русија и на Блискиот Исток. За кинескиот пазар се планира верзија со 2,5-литарски V6 со турбонатполнење. Европа е ниско на списокот на приоритетни пазари. На домашната територија на концернот Volkswagen, Atlas е преголем.
[FAG id=26026]



















