Aston Martin Vulcan со 800 КС првпат пред публика во Гудвуд

Ексклузивниот тркачки автомобил на Aston Martin вреден 2,5 милиони евра и лимитиран на 24 примероци дебитираше пред публиката на Фестивалот на брзината во Гудвуд.

Aston Martin го претстави тркачкиот автомобил Vulcan на салонот во Женева во март, како најмоќен автомобил од сериско производство со атмосферски мотор. Со дванаесетцилиндарски мотор со зафатнина од седум литри и моќност од преку 800 КС, овој ексклузивен болид што ќе се произведе во серија од само 24 примероци сега доживеа „возачко“ деби на Фестивалот на брзината во британскиот Гудвуд, управуван од фабричкиот возач Дарен Тарнер.

Vulcan во чест на борбениот авион на кралската авијација произведуван во Гајдон

Vulcan ќе го изработува тим од врвни инженери, почнувајќи во текот на летово, за првите испораки да бидат готови пред крајот на годинава. Името на ексклузивниот модел потекнува од борбениот авион што се произведувал во седиштето на Aston Martin во Гајдон, додека тоа служело како база на кралската авијација. Возилото се базира на монокок изработен од карбон, и воопшто, речиси целото е изработено од лесни и скапи материјали.

Aston Martin VulcanТркачкиот автомобил го најавува и новиот дизајнерски правец на спортските модели на Aston Martin, откако дизајнерот Марек Ричмен најави дека во иднина ќе постои поголема визуелна разлика меѓу патничките и спортските модели на куќата.

Основа на возилото е карбонски монокок чијашто основа е преземена од One-77, но е модифицирана заради зголемување на цврстината и вградување на пропишаните безбедносни мери. Моторот е вграден зад предната оска и речиси до половината навлегува во кокпитот. Моќноста од 800 КС од седумлитарскиот V12 без присилно натполнење се пренесува на задните тркала преку шестстепен секвенцијален менувач Xtrac, преземен од тркачкиот Vantage GTE. Титаниумскиот издув завршува од обете страни, а од Aston Martin ветуваат дека од издувните цевки ќе излегуваат пламени при префрлување во понизок степен. Крајната брзина ќе биде далеку повисока од 320 километри на час.

Полесен за 150 килограми од Aston Martin One-77

Vulcan ја дели истата основа со меѓуоскино растојание од 2,8 метри со One-77, но со 2,2 метри е поширок за 20 сантиметри и со висината од 1,1 метар е за 10 сантиметри понизок од него. Тежината исто така е пониска, односно со 1.350 килограми Vulcan тежи 150 килограми помалку од One-77.

Бројката од 24 примероци за ограничената серија е избрана како симболика за 24-часовните трки на коишто учествува Aston Martin, како и за 24-от филм со Џејмс Бонд, кадешто се појавува специјално изработениот DB10. Тркачкиот автомобил на Британците ќе се најде во борба со McLaren P1 GTR и LaFerrari FXX K, коишто исто така се достапни исклучиво во верзија за тркачка патека и производителот ги води во посебен куп.

Претходна објаваРекордно возење на две тркала на Фестивалот на брзината во Гудвуд
Следна објаваChevrolet Camaro Cabrio: Мускулест автомобил за парадирање по улица

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here