Aston Martin DB11 е најдобро дизајниран автомобил во светот според жирито на Car Design Award. Ова е прва награда за престижното британско купе.
Десетчлено жири од уредници на автомобилски магазини од целиот свет реши наградата за најдобро дизајниран автомобил за оваа година да му ја додели на Aston Martin DB11. Прославата во чест на освојувањето на Car Design Award се одржа во рамките на салонот за автомобили во Торино, Италија.
Според оцените на жирито, „дизајнерскиот тим со радикална интерпретација ги унапреди традиционалната дизајнерска линија и пропорциите на Aston Martin. Со континуиран лак од предниот до задниот столб, драматичната линија на новиот покрив му внесува модерна нота на DB11. Aston Martin уште еднаш докажа дека е способен да ги соедини елеганцијата и моќта.“
Како прв модел во планот „Second Century“, DB11 настапува со свеж и препознатлив дизајнерски јазик, иновативен пристап во аеродинамиката и задолжително со моќен V12 под хаубата, во случајот 5,2-литарец со двојно турбонатполнење.
DB11 наследува долга низа легендарни модели на Aston Martin, почнувајќи од DB2/4, преку DB5, до последниот DB10, којшто беше конструиран и изработен специјално за филмскиот серијал за Џејмс Бонд.
















