Aston Martin ќе изработи 99 примероци од Vanquish Zagato

Моделот што беше изработен во чест на јубилејот на соработката со Zagato нема да остане уникат. Aston Martin ќе изработи серија од Vanquish Zagato, лимитирана на 99 примероци.

Британската марка со благородните спортски модели го претстави Vanquish Zаgato како концептен автомобил, замислен како уникат во чест на педесетгодишнината од соработката со италијанската дизајнерска куќа Zagato. Публиката не можеше да реагира поинаку на овој модел освен со одушевување и Aston Martin сега ја најавува мини-серијата од 99 примероци од моделот, достапна за тие што можат да си ја дозволат ексклузивноста на лимитираната серија.

Vanquish Zagato е петти автомобил во соработката со италијанската дизајнерска куќа, вклучувајќи го тркачкиот DB4 GT Zagato од 1960 година – сега проценет на преку 10 милиони фунти – како и V8 Vantage Zagato од 1986, DB7 Vantage Zagato од 2002 и V12 Vantage Zagato од 2011 година. Шестлитарскиот V12 е донесен до 600 КС, што го катапултира купето со препознатливиот стил на Zagato за 3,5 секунди до 60 милји на час, односно 96 km/h. Соодветно на порастот на моќноста е преработено и подвозјето.

Каросеријата е целосно изработена од карбон, со минимални зјаеви меѓу одделните каросериски панел, за на тој начин уште повеќе да се нагласи хомогеноста во дизајнот на Vanquish Zagato. Задолжителен дел во формата на покривот е „двојниот меур“, кој датира како дизајнерски потпис на Zagato уште од 1950-те години, кога во тркачките возила мораше да се остави доволно висина во кабината за шлемот на возачот, а притоа да се задржи ниската силуета на возилото.

Испораката на Vanquish Zagato ќе стартува во првиот квартал од следната година.

Претходна објаваДронот на Nissan побрз од GT-R: Спринт до сто за 1,3 секунда
Следна објаваТркачки симулатор во четири димензии за Nissan GT-R

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here