
Поранешниот дизајнер на Aston Martin доби тужба од престижната британска марка поради кражба на дизајн. Фискер неодамна го претстави Thunderbolt на Флорида и најави производство доколку се јават заинтересирани купувачи.
Автомобилската марка на најпознатиот таен агент во светот покрена тужба против Хенрик Фискер, за кражба на дизајн и повреда на заштитени права. Хенрик Фискер е поранешен дизајнер на Aston Martin и меѓу другото е татко на дизајнот на DB9 и V8 Vantage. Данецот ја напушти фирмата во 2004 година и го основаше Fisker Automotive, од каде што во 2011 година излезе спортската лимузина со хибриден погон Fisker Karma. Несудениот конкурент на Tesla Motors банкротираше кон крајот на во 2013 година.

Спорот се води околу Thunderbolt, когошто Фискер го претстави во Флорида, во почетокот на март. Концептниот автомобил базира на Aston Martin V12 Vanquish, без одобрение од престижната британска марка. Фискер сепак најави дека ќе започне со производство на автомобилот, доколку пазарот пројави интерес. При претставувањето на Thunderbolt, тој изјави: „Сакав да создадам елегантно и убаво спортско купе со четири седишта, со емотивна скулптура што ќе биде безвременска“. Дизајнерот уште се нема произнесено јавно околу тужбата од поранешниот работодавец.















