за

Aston Martin ќе развива суперавтомобил заедно со Red Bull Racing

Британската луксузна марка Aston Martin и тимот во формула 1 на Red Bull Racing ќе работат на суперавтомобил што ќе постави нови стандарди во браншата. Нешто слично како McLaren P1.

Aston Martin и Red Bull Racing работат на суперавтомобил под кодното име „AM-RB 001“, којшто ќе ги спојува врвната технологија од формула 1 и дизјанерскиот печат на Aston Martin. Големи имиња стојат зад проектот, меѓу другото и Адријан Њуи, познат како еден од најуспешните дизајнери на формула 1 на сите времиња. За дизајнот на идниот „хиперавтомобил“ секако дека ќе биде задолжен Марек Рајхман, шефот за дизајн во Aston Martin од 2005 година.

Во знак на новото партнерство, тркачкиот болид на Red Bull Racing цела сезона ќе го носи логото на Aston Martin
Во знак на новото партнерство, тркачкиот болид на Red Bull Racing цела сезона ќе го носи логото на Aston Martin

Од спојот на тркачката експертиза на Red Bull Racing и традицијата на Aston Martin во изработката на едни од најблагородните спортски модели во историјата ќе произлезе автомобил со врвна аеродинамика, со најнапредни композитни материјали и со искуството на британската марка во производството. Шефот на Aston Martin, Енди Палмер, ветува многу: „Во соработка меѓу одделението Q на Aston Martin Advanced, Red Bull Advanced Technologies и партнерот AF Racing, ќе создадеме автомобил што ќе ја предизвика имагинацијата на автомобилските дизајнери на иднината и на светската публика од ентузијасти за спортски автомобили.“

aston martin red bull racing (1)Преку партнерството со Red Bull Racing, логото на Aston Martin ќе се врати на трките во формула 1 за првпат по 1960 година. Во британската марка повеќе од полека се раздвижуваат работите. Неодамна на салонот во Женева доживеа премиера новиот DB11, со непогрешливиот дизајн на Марек Рајхман, за сега да следува и најавата за новиот „хиперавтомобил“. Деталите околу техниката уште се држат далеку од јавноста.

Марката Aston Martin произлезе од тркачките успеси на Лајонел Мартин, еден од основачите на британската марка. Првото учество на светска трка, марката го доживеа на трката за големата награда на Франција во 1922 година. Најславен момент во тркачката историја на Aston Martin е победата на 24-часа Леман во 1959 година, со Рој Салвадори и Карол Шелби, во Aston Martin DBR1.

Во знак на одбележување на партнерството меѓу Aston Martin, Red Bull Racing и Red Bull Advanced Technologies, болидот RB12 ќе се појавува со логото на Aston Martin во целата престојна сезона во формула 1, почнувајќи викендов, на трката за големата награда на Австралија.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

„Keyless Entry“ им посакува добредојде на крадците на автомобили

Појавени првите цртежи од идната генерација на Suzuki Swift