Aston Martin го носи Vantage GT8 до нови екстреми

Aston Martin Vantage GT8

Aston Martin уште еднаш докажува дека тркачките патеки се во генот на марката и го претставува најекстремниот V8 Vantage во историјата. GT8 ќе се изработи во само 150 примероци, по цена од над 200.000 евра.

Последниот модел од Aston Martin не остава простор за некој да се посомнева дека Џејмс Бонд го создал имиџот на фината британска марка. Секако дека трките се тоа што е испишано со најголеми букви во историјата на Aston Martin и тоа уште од првата победа на 24 часа Леман во 1959 година. Во моментов, марката е најгорда на своето учество во категоријата GTE во светскиот шампионат на долги патеки. Ова искуство што доаѓа од тркачките патеки сега е преточено во новиот Vantage GT8.

Според Дејвид Кинг, шеф за специјални проекти и мотоспорт, Vantage GT8 е „автомобилот што најверно ја оддава активноста на Aston Martin на Леман.“ Перформансите и возните својства се подигнати на екстремно ниво, со намалување на тежината и подобрување на аеродинамиката. Како пример при развојот на најсилниот и најлесен V8 Vantage во историјата послужи тркачкиот V8 Vantage GTE.

Делови од каросеријата и аеро-додатоците во најголем дел се изработени од карбон, со „трикови“ преземени од тркачкиот Vantage, подвозје дотерано за трки и моќност на 4,7-литарскиот V8 зголемена на 446 КС. Покрај стандардниот мануелен менувач со седум степени, на располагање стои и автоматски Sportshift, исто така со седум степени. Највпечатлив детал е каналот во предните крила, по пример на тркачкиот Vantage. За уште поекстремна конфигурација на аеродинамиката може да се нарача и Aero Pack, со голем спојлер назад и дополнителни елементи во предниот сплитер.

Сто килограми помалку со примена на карбон за покривот и други „трикови“

Посебни се и бандажите, стандардно со дизајн со 5 краци, односно седумкраки и изработени од магнезиумска легура во опционалната изведба. Стандард се и гумите Michelin Pilot Sport Cup 2. За каросеријата може да се избира меѓу три шеми: Сива и сина, бела и зелена или зелена и жолта.

Во намалувањето на тежината учествува и акумулаторот со литиум-јонска технологија, кој носи заштеда од четири килограми, заедно со покривот од карбон, задно стакло и задни прозорци од поликарбонат, како и централен издув од титаниумска легура. Во вкупната заштеда од 100 килограми учествуваат и седиштата со карбонска основа и мануелно местење, облогите на вратите од карбон и уште цела низа детали со лесна конструкција. Затоа, пак, остануваат клима-уредот, радиото и инфо-системот.

Секако дека специјалниот модел ќе се изработи во ограничена серија. Само 150 примероци ќе стојат на располагање, по фабричка цена од околу 210.000 евра, испораката ќе стартува во последниот квартал од годинава.

Претходна објаваMercedes E-Class: Разоткривање на новата ѕвезда (Внатрешност)
Следна објаваВака игра тим од возила на Nissan во лигата на шампиони

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here