за

Aston Martin го враќа мануелниот менувач како подобра опција

Врвниот модел на Aston Martin отсега е достапен и со мануелен менувач, со „прва долу лево“ во најдобриот тркачки манир. Електрониката сепак не останува поштедена од работа.

Aston Martin си ја почитува обврската да ги направи најдобрите автомобили за уживателите во доброто возење и во новото моделско годиште го нуди V12 Vantage S во изведба со мануелен менувач со седум степени. За возачите што повеќе сакаат да препуштат „некој друг“ да им ја завршува работата, во понуда и натаму останува стандардната верзија со менувач Sportshift.

Првиот степен е издвоен долу лево, во класичен тркачки манир
Првиот степен е издвоен долу лево, во класичен тркачки манир

Во време кога мануелните менувачи речиси целосно исчезнаа од врвните спортски модели, овој потег на Aston Martin претставува вистинско освежување за „ангажираните“ возачи, особено со тоа што менувачот е достапен во топ-моделот V12 Vantage S. Уште поголемо одушевување предизвикува фактот што првиот степен е изведен во манирот на класичните тркачки автомобили, со прв степен издвоен долу лево, за вториот и третиот степен да бидат во иста линија и со тоа да се постигне уште побрза и посуверена промена на степените кога возачот не сака да пропушти ниту десетинка време.

Секако дека инженерите на фината британска куќа не останаа само на чиста механика. Седумстепениот менувач користи Amshift, односно сензори за спојката, актуелниот степен на пренос и за карданското вратило, за електрониката на системот да изведе техника на возење во стилот на тркачите од старите времиња, таканаречена „прсти-петица“, користена за додавање меѓугас при префрлување во понизок степен, односно за задржување на вртежите при префрлување во повисок степен. Amshift е најкористен кога возачот ќе го активира спортскиот модус на подвозјето, кога во исто време и моторот реагира поостро, а и моторот се одгласува побурно.

aston martin v12 vantage s manual 2Секако дека со сета оваа дополнителна асистенција, мануелниот менувач не може да ја понуди вообичаената предност во пониската цена наспроти Sportshift, па верзијата на V12 Vantage S со овој менувач чини исто колку и стандардната. Забрзувањето до сто останува исто со 3,9 секунди, исто како и крајната брзина од 330 километри на час. Aston најавува дека мануелниот менувач кај нив ќе остане во понуда уште долги години.

Новото моделско годиште на V12 Vantage S доаѓа и со опција за пакет спорт-плус, со избор од пет бои за каросеријата, во комбинација со детали лакирани во контрастна боја. Дел од пакетот се и десеткраките бандажи со графитна боја, црни или сиви седишта со ленти и штепови во контраст. Неколку промени има и верзијата на Vantage со мотор V8, првенствено во естетиката. Заеднички за сите верзии е инфосистемот AMi III, со навигација и интеграција со Apple CarPlay.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фабрички реставриран Porsche 911 ѕвезда на „Техно Класика“

Пет нови модели во пролетната офанзива на Mercedes