за

Alpina направи „UberBMW“ од серијата 5

За првпат во историјата, модел од серијата 5 во изведба на Alpina вози со погон на сите тркала. Дополнителната помош секако му е потребна на BMW Alpina B5 Bi-Turbo, покрај моќноста од 608 КС. Од ваквата спрега произлегуваат перформанси на суперспортист: 3,5 секунди до сто и крајни 330 километри на час. Притоа, лимузината навидум остава впечаток на прилично цивилен автомобил.

Антимоделот на BMW M5 е тука. Alpina или единствената тјунерска работилница во светот којашто е регистрирана како производител на автомобили, на салонот во Женева го претстави премиерно B5 Bi-Turbo, како прва сопствена преработка на „петката“ со погон на сите тркала. Моќноста од 608 КС од 4,4-литарскиот битурбо и вртежниот момент од 800 њутнметри не би можеле да се пренесат поинаку на асфалтот, освен преку xDrive. Одговараат и перформансите: Со 3,5 секунди до сто и крајна брзина од 330 километри на час, новиот B5 Bi-Turbo е најсилниот модел на Alpina досега.

Верно на релаксираниот начин на којшто возачите на оваа марка милуваат да ја тераат својата лимузина, 800-те њутнметри стојат на располагање уште при 3.000 вртежи. Тоа е разликата меѓу матичниот и екстремен M5 – кој штотуку треба да се појави во новата генерација – и ненаметливо надмоќниот B5.

BMW Alpina B5 Bi-Turbo 00002

Моќноста е извлечена „класично“ за турбо-бензинците, со зафати во турбонатполнењето, интеркулерот и во системот за ладење, вклучувајќи и соодветно „препишување“ на контролната електроника. На тоа следува и комплетна преработка на вшмукувачкиот тракт и на издувниот систем, којшто го оддава препознатливиот бас на Alpina – вклучувајќи и копче за припитомување на звукот, по потреба.

BMW Alpina B5 Bi-Turbo 00007

Погонот xDrive е оптимиран за промените во подвозјето на Alpina B5, со поголем нагласок на задната оска во распределбата на вртежниот момент, исто како и 8-степениот автоматик од ZF. Од стандардната серија 5 доаѓа и способноста на електрониката на менувачот да ги чита податоците од навигацијата и соодветно да ја модулира неговата работа. Копчињата за мануелна промена на степените во стил на Alpina се поставени од задната страна на воланот. Кога е вклучена програма Sport+ или е исклучен DSC, менувачот не префрлува самостојно во повисок степен – B5 не е толку цивилен колку што се прикажува.

BMW Alpina B5 Bi-Turbo 00003

Во Alpina се горди и на својата традиција да изведат подвозје што оддава леснотија во возењето, а во исто време нуди уште поголема динамика од стандардните модели од Минхен. Електронски контролираните амортизери се комбинирани со скусени пружини и освен вообичаените програми располагаат и со типичниот модус Comfort+ на Alpina.

Каросеријата се потпира на ковани бандажи од 20 инчи и гуми од традиционалниот партнер Pirelli, со димензија 255/35 ZR20 напред и 295/30 ZR20 назад – изработени специјално за Alpina и со ознака Pirelli P Zero ALP.

BMW Alpina B5 Bi-Turbo 00006

За првпат BMW Alpina B5 Bi-Turbo располага и со интегрално активно управување, кое што подразбира променлив преносен однос и задни тркала што се свртуваат до 2,5 степени, соодветно на условите на возење, заради ултимативна динамика или полесно маневрирање.

Со вртоглавите брзини одат и четириклипни сопирачки клешти и дискови од 395 mm напред, односно 398 mm назад. За ориентација, тоа е речиси исто колку пречник на бандажи од 16 инчи.

Во облагородувањето на изгледот преовладува класичната нота на тјунер-производителот, со ненападни, но функционални спојлери напред и назад, и две издувни цевки со елипсовидна форма на секоја страна. Најпрепознатлив „детал“ секако се ексклузивните бои за Alpina, сина и зелена. По желба може да се избере и од стандардните бои на BMW. Нов детал е натписот Alpina кој изгледа како да лебди во предниот спојлер – по желба во хром, сребрена, златна или црна боја.

BMW Alpina B5 Bi-Turbo 00004

Печатот на Alpina е многу поприсутен во внатрешноста, изработена луксузно, со најскапи материјали и во елегантен стил – во најголемиот дел, рачно. За седиштата е наменета кожа Lavaline, воланот е рачно опшиен со конец во сина и зелена боја, плочките на праговите се осветлени, не отсуствува и плочка со серискиот број на возилото. Дигиталната табла со инструменти е осветлена во сино, со специфичен дизајн за Alpina, којшто се менува зависно од програмите на возење.

BMW Alpina B5 Bi-Turbo 00005

Од опремата следува речиси се што кај матичниот BMW стои како дополнителна ставка. И цената го вклучува тоа: 112.000 евра, за почеток. Кожата Lavaline во првото ниво чини 6.500 евра, во второто 11.800 евра, специјалната сина или зелена боја чини 2.870 евра, за втиснато лого на Alpina во потпирачите за глава се доплаќа 280 евра, но затоа навигацијата и пристапот на интернет следуваат како стандард, исто како и диодните светла и останати „ситни“ ставки.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Alpine A110: Автомобилот што (ниту) Renault не ќе го направеше подобро

Вака производител на авиони го замислува автомобилот на иднината