за

Alfa Romeo Tonale може да биде и Dodge Hornet

Од фабриката на Alfa Romeo во Неапол излегува близнак на Tonale, што е наменет за Северна Америка.

Тоа што во Европа изгледа и вози како Alfa Romeo Tonale, за пазарот преку големата бара се сервира како Dodge Hornet. Тоа се добри вести за италијанската фабрика, затоа што повеќе се оптоваруваат производствените капацитети и се подобрува ефикасноста на фабриката. Зошто Dodge, кога Alfa Romeo е многу позвучно и повеќе ветувачко, европско име? Заради патриотизам.

Пријатно изненадување за сцената е тоа што во фабриката на Alfa Romeo, односно на концернот Stellantis, во Помиљиано дАрко, на периферијата на Наполи, покрај хит-моделот Tonale, се произведува и Dodge Hornet. Компактниот СУВ ќе се продава само на пазарот во САД, и секако е добредојден, затоа што секое зголемување на искористеноста на фабриката, значи и поисплатливо работење на истата.

Dodge Hornet ја користи истата платформа со Alfa Romeo Tonale, а тоа е Small Wide-платформата на Fiat Chrysler Automobiles. Покрај овие два модели, техниката се користи и за Jeep Compass и Renegade, коишто исто така се произведуваат во Италија, во фабриката на Stellantis во Мелфи.

Италијанските работнички синдикати се надеваат дека двата нови модели ќе дадат силен поттик за производството на автомобили во земјата. „Почетокот на производството на Hornet ќе услови воведување втора работна смена, покрај едната работна смена за Tonale“, објавија синдикалците во извештајот за јули.

Фановите на Alfa Romeo веројатно нема да се одушеват кога ќе ги споредат Tonale и Dodge Hornet, меѓутоа патриотизмот го налага тоа, СУВ-моделот на пазарот во Северна Америка да се продава под името и под ликот на Dodge, место како Alfa Romeo, име што за алфистите е со ранг на светост. Промената во дизајнот се однесува само на носот, додека страниците и задниот дел се речиси истоветни.

New item by Automedia MK / Google Photos

Извршниот директор на Alfa Romeo, Жан Филип Импарато, во интервју за индустрискиот гласник Automotive News Europe, изјави дека во неговата марка ќе бидат среќни со 30.000 продадени примероци од Tonale во првата година. Глобалниот потенцијал за Tonale во светски рамки може да достигне 70 до 80 илјади примероци. Од таа продукција, 45 до 60 илјади ќе апсорбира европскиот пазар, додека останатите 10 до 15 илјади е можно да се испорачаат во САД.

Tonale во почетокот се продава само во Европа и во Северна Америка, додека за Hornet е потврдено дека не се планира продажба во Европа. „Dodge е марка возила со високи перформанси и главно продаваме верзии со V8-мотори од врвот на понудата со преку 600 КС. Доколку сакаме марката да ја пробиеме во Европа, ќе мораме да стартуваме со нашите најсилни модели. Моментно сме посветени на големото купе Challenger SRT Hellcat и на големиот СУВ-модел Durango”, изјави Доменико Гостоли, шеф за марките Dodge и Ram за Европа.

Dodge лани има продадено 1.000 возила во Европа. Без чип-кризата, можело да се продадат и повеќе возила од тоа. RAM, марка специјализирана за масивни пикапи, лани пласирала 5.100 возила во Европа. Двете марки немаат директно застапништво, туку во Европа се продаваат преку три големи увозници: Канадските AEC, Швајцарците AGT и шведскиот KWA. Тие снабдуваат мрежа од околу 300 дилери.

Освен во носот, има и мала разлика во моторите. Hornet GT, што ќе стартува со продажба кон крајот на годинава, користи 2,0-литарец со турбонатполнење и 265 КС. Преку системот PowerShot, во времетраење од 15 секунди се добива екстра моќност од 25 КС.

Американската верзија на Alfa Romeo Tonale ќе го користи истиот мотор, но со 252 КС. Моделите од двете марки ќе се нудат стандардно во верзија со погон на сите тркала.

Втората верзија е Hornet R/T, со приклучен хибриден погон, сочинет од 1,3-литарски бензинец од фамилијaта GSE, во комбинација со електромотор на задната оска. Оваа верзија на Dodge ќе се појави во продажба в година. Верзијата на Tonale со приклучен хибриден погон, што ќе има премиера во октомври, исто така ќе биде со незначително пониска моќност од Dodge, и ќе располага со 271 КС.

New item by Automedia MK / Google Photos

Годишната продукција на Tonale и Hornet во фабриката на Stellantis во Помиљиано може да надмине 100.000 примероци, доколку продажбата на Hornet во САД достигне 30.000 примероци, според очекувањата.

Во извештајот на синдикатот на работниците во металопреработувачката индустрија FIM, во фабриката до јуни се произведени 79.730 возила, од кои 76.000 примероци се од славната Panda, додека на посебна линија се произведени 3.730 примероци од Tonale. Продукцијата во јуни била за 10 проценти повисока отколку во истиот период лани, но 32% пониска во споредба со 2019 година, пред пандемијата. Лани во Помиљиано биле произведени вкупно 123.000 возила. Во првото полугодие, Stellantis во фабриките во Италија произведе 248.990 возила, за 2% повеќе од лани. За цела 2021 година, продукцијата изнесува 408.526. Со дополнителните 100.000 примероци од Tonale-Hornet, тоа би значело зголемување за масивни 25 проценти.

Убави тонови за пречек на новата Alfa Romeo Tonale

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Ова ќе биде големо: Електрична Kia EV9 најавена за в година

Почнува производството на Mercedes EQS SUV, дизајнерот ни е многу познат