за

Alfa Romeo Tonale во возниот парк на карабиниерите

Со свеченото предавање на првиот примерок во Генералната команда во Рим, Alfa Romeo Tonale стана дел од возниот парк на италијанските карабиниери.

Првиот примерок од компактниот СУВ-модел што ја вивна продажбата на италијанската премиум марка им е испорачан на карабиниерите, следат уште најмалку 400 примероци од Alfa Romeo Tonale.

Обновено е историското партнерство меѓу Alfa Romeo и карабиниерите, коешто влече корени уште од периодот по завршувањето на втората светска војна. Култната марка има долга историја во возниот парк на карабиниерите. Во чест на 110-годишнината на Alfa Romeo, во музејот на миланската марка во Арезе, пред точно три години беше организирана посебна изложба Alfa Romeo in Divisa (Alfa Romeo во униформа). Изложбата претставува патување низ времето, преку сите модели што биле во служба на италијанските оружени сили.

Во средата, на 28-ми јуни, во бараките што го носат името на генерал Азолино Хазон, носител на сребрена медала за воени заслуги, во штабот на генералната команда на карабиниерите, беше свечено испорачан првиот примерок од Alfa Romeo Tonale Hybrid. Во рамките на обновеното партнерство, во возниот парк на овој род на оружените сили на Италија ќе се испорачаат вкупно 400 примероци од моделот до следната година.

Покрај високите офицери, на настанот присуствуваше и извршниот директор на Alfa Romeo, Жан-Филип Импарато. Првиот контингент од Tonale ќе бидат во служба како интервентни возила по повик, на целата територија на Италија. Tonale во оваа функција им се придружува на постоечките Alfa Romeo Giulia со 200 КС. Народот ги познава автомобилите на карабиниерите како „газели“, поради брзината со којашто пристигаат на местото на повик.

Ова е првпат СУВ-модел од компакт класата да биде вклучен во возниот парк на интервентната единица.

Повеќето возила Alfa Romeo Tonale за карабиниерите ќе бидат во благата хибридна изведба со 163 КС, со 1,5-литарски бензинец и стартер-генератор што е вграден во самиот 7-степен менувач со двојна спојка.

Линк до изложбата на полициски возила Alfa Romeo во музејот во Арезе https://www.museoalfaromeo.com/it-it/Pages/carabinieri.aspx

Возилата ќе бидат лакирани во традиционалните бои на мобилната единица, односно сино-црвена со бел покрив, делумно се блиндирани и имаат одвоен заден дел за престапниците.

Првата Alfa Romeo за карабиниерите беше 1900 M “Matta” во 1951 година. По една година, легендарната лимузина 1900 стана првата „газела“. Giulia стана своевиден заштитен знак на полициските сили во периодот од 1963 до 1968 година, потоа следеа Alfetta, 90, 75, 155, 156 и 159, сé до актуелната Giulia Quadrifoglio.

Лани со Alfa Romeo Tonale направивме тура до планинскиот превој Слива во Мариово

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фино дотерување за финиот СУВ: Range Rover Evoque во моделска 2024 година

Британски возачи ценат дека Suzuki е најиздржлива марка