за

Alfa Romeo 4C вози за 53.000 евра

За купето што ја враќа во живот миланската марка се познати сите детали. Остана само уште најважниот, цената. По ѕиркањето во ценовникот, ретко кој ќе издржи да остане на 53.000 евра.

Alfa ветуваше Ferrari по половина цена и го исполни ветувањето. Со 1,8-литарски мотор со турбонатполнење и 240 КС, компактното купе 4C чини 53.000 евра во официјалниот ценовник за Италија. Ако 240 КС некому се чинат малку, тогаш следува податокот дека оваа Alfa тежи одвај 900 килограми и дека спринтува до сто за 4,5 секунди.

alfa 2

Секоја Alfa Romeo 4C што излегува од фабриката на Maserati во Модена по 125 часа рачна изработка поседува во пакетот опрема спортски седишта, кожен волан, клима и навигација, квалитетно озвучување, блутут и гласовна команда, алуминиумски педали, бандажи од 17 инчи напред и 18 инчи назад. На тоа доаѓаат уште шестстепен автоматизиран менувач со двојна сува спојка и електронската блокада на диференцијал Q2. Со прекинувачот D.N.A. може да се изберат неколку програми кои што влијаат врз реакцијата на моторот, врз подвозјето и работата на системите за асистенција.

На списокот на дополнителна опрема се нудат повеќе ставки што го нагласуваат спортскиот карактер на двоседот. Почнува од боите на каросеријата. Црната боја е стандард, за пастелна бела или црвена боја се доплаќа 500 евра. На располагање стојат уште сива металик за 1.000 евра и бела и црвена со бисерен ефект, за 2.500 евра. За кожа на седиштата, во црна или црвена боја, се доплаќа уште 1.500 евра, а за микрофибер 2.000 евра.

alfa 3

Опремата во пакет се нуди поевтино, но не и евтино: Пакет Рејсинг со бандажи од 18/19 инчи во комбинација со тркачки гуми, спортски волан во комбинација од кожа и микрофибер, спортско подвозје и спортски браник со дифузор назад чини 3.800 евра. Пакетот Лусо чини исто толку, но се ориентира на луксуз со микрофибер на седиштата и биксенонски светла со основа од карбон. Бандажите со класичниот дизајн на Alfa, со пет тркалезни отвори, се нудат во комбинација 18/19 инчи и чинат 1.200 евра, со гуми 205/40 напред и 235/35 назад. Овие се нудат и во црна боја, а зад нив можат да ѕиркаат сопирачки клешти, кои се лакираат во црвена, црна или жолта боја за 300 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Qoros 3 Sedan: Прв Кинез со пет ѕвезди за безбедност

Skoda Rapid Spaceback: Помошникот на Golf