за ,

Alfa Romeo ја прикажа обичната верзија на Giulia

Alfa Romeo на салонот во Женева конечно ги прикажа стандардните изведби од новиот модел од средната класа Giulia. Има нови мотори, зачудувачки ниска тежина и верзии со погон на сите тркала.

По големата врева што се подигна по прикажувањето на топ-верзијата Quadrifoglio со 510 КС, работите стивнаа околу новиот модел од средната класа на Alfa Romeo. На салонот во Женева конечно следуваат и стандардните изведби на Giulia, оние што ќе ја носат продажбата на моделот.

alfa romeo giulia zeneva (3)Тоа што мора да се признае е дека и без цел куп карбон, прагови и спојлери, Giulia изгледа заводливо. И лесна е. Дури и во стандардните верзии на конкурентот на Mercedes C-Class и Audi A4 обемно се применуваат алуминиум, композитни материјали, па дури и карданско вратило од карбон. Верзијата на Giulia со 2,2-литарскиот дизел тежи само 1.374 килограми, што е за 130 килограми помалку во споредба со серијата 3 на BMW.

Покрај топ-моделот со трилитарски битурбо V6 со потекло од Ferrari и моќност од 510 КС, Италијанците нудат и комплетно нов дволитарски бензинец со турбонатполнење, 200 КС и вртежен момент од 330 њутнметри. Електрохидрауличната контрола на вентилите MultiAir е дел од технологиите со коишто располага бензинецот. На тоа се надоврзува 2,2-литарски дизел во верзија со 150 КС и 380 њутнметри, односно во верзија со 180 КС и 450 њутметри. Новиот бензинец стандардно доаѓа со осумстепен автоматски менувач, додека обата дизела се достапни во комбинација со шестстепен мануелен менувач или како опција со осумстепениот автоматик. Погонот е назад, подоцна ќе следуваат и неколку изведби со погон на сите тркала, како и нови варијанти на мотори.

alfa romeo giulia zeneva (2)Три нивоа на опрема се достапни: Giulia, Super и Quadrifoglio. Од системите за асистенција, стандардно следува систем за предупредување при опасност од судир со самостојно запирање и систем за следење лента. Радарскиот темпомат ќе биде достапен во втората половина од годинава. Основното ниво Giulia вклучува двозонска автоматска клима, алу-бандажи од 16 инчи, приспособливото подвозје DNA и радио со дисплеј од 6,5 инчи. Второто ниво Super додава кожени седишта, стилски додатоци во кабината и бандажи од 17 инчи, додека врвното ниво Quadrifoglio вклучува спортски седишта во комбинација од кожа и алкантара, спортски волан, детали од карбон во кокпитот, приспособливи ксенонски светла и камера за рикверц.

Alfa Romeo стартува со нарачки за новиот модел на 15-ти април, цените уште не се објавени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Mercedes ја прекинува соработката со американскиот партнер Tesla

Mercedes со зајадлива честитка за стотиот роденден на BMW