Кампувањето обично асоцира на едноставен годишен одмор, на готвење на уловен дивеч, на целосно препуштање на природата. Но, може и поинаку. Кампување со стил и луксуз, на пример. Кога на куката е закачена сребрена кампинг приколка од култниот американски производител Airstream, кампингот прераснува во ексклузивно доживување.
Овие приколки носат прекари „Сребрена ракета“ или „сребренка“, официјалните моделски имиња им гласат „Flying Cloud“, „Clipper“ или „Wanderer“ и претставуваат култ уште од првата приколка на Airstream од 1931 година. Во понудата уште има модели од 1960-те години. За приколките од Џексон Центер во сојузната американска држава Охајо се заеднички просторноста, богатата и луксузна опременост, легендарната издржливост и надворешната обвивка изработена од полиран и нелакиран алуминиум.
Формите од аеронаутиката не се случајност
Лесниот метал е заштитен знак уште од првата приколка на Airstream. Основачот Воли Бајем во 1930-та година замислил приколка за кампување, што ќе биде просторна, но и лесна, за да може да се влече со сите модели на автомобили што во тоа време се нуделе на пазарот. Популарните американски лиумузини од средната класа, како Chevrolet International од 1929 година, обично имаа големи шестцилиндарски мотори, но моќноста не им беше силна страна. Моторот од 3,2 литри во Chevy ослободуваше само 46 КС, додека Ford A од 3,3 литри постигнуваше 38 КС. Неколку килограми се заштедуваат и на боја, затоа што каросеријата на приколката е оставена нелакирана. Токму полираниот алуминиум стана заштитен знак на Airstream.

Имаше и причина зошто приколките беа толку впечатливи. Дизајнот потекнува од Хаули Балус, којшто е креатор и на „Духот на Свети Луис“, еднокрилецот од алуминиум, со кого Чарлс Линдберг на 20/21 март 1927 година прв го прелета Атлантскиот Океан. Благодарение на квалитетот, дизајнот и препознатливоста на приколките, Airstream беше единствениот од 400-те производители на приколки во САД што ја преживеа економската криза од 1930-те години.
Авионите, техниката и аеродинамиката отсекогаш го следеле имиџот на „Сребрените ракети“. Дури и во историјата на најголемите човечки достигнувања има едно мало поглавје за Airstream. Астронаутите Армстронг, Олдрин и Колинс, по враќањето од првото успешно слетување на месечината во јули 1969 година минаа 17 дена во карантин во приколка на американскиот производител.
Само 2.000 приколки се произведуваат годишно
Денес фирмата вработува околу 400 лица, а покрај приколки, од 1989 година произведува и моторни приколки. Актуелните модели на „моторхоуми“ се базираат на Mercedes Sprinter. Секако дека е гарантирана ексклузивноста, со 2.000 приколки и возила колку што годишно се произведуваат во фабриката во Охајо.

Airstream има неколку застапништва и во Европа, со модели што се приспособени според барањата на европскиот пазар и сообраќајната инфраструктура. Основен модел е Airstream 536, со должина од 6,8 метри и тежина од 1,5 тон. Внатре можат да преноќат најмногу четири лица, има и комплетно опремена кујна со три горилници и печка, санитарен јазол и програмирано греење. По желба на купувачот може да се вгради и дополнителна опрема, почнувајќи од климатизација, па до телевизор со голем рамен екран.
Модел од средната класа е 7,45-метарскиот Airstream 604, додека врвот го претставува Airstream 685 со должина од 8,25 метри. По барање на купувачот, производителот може последниов модел со две оски да го изведе како лукузен дом на тркала или како подвижна канцеларија. Мора да се внимава и на изборот на возилото. За Airstream 684 да се закачи на кука, потребно е возило со дозволена тежина на влечење од најмалку 2,7 тони. Покрај продажба на нови приколки, во понудата на застапништвата на Airstream се вклучени и користени модели, а постои и можност за изнајмување.
Квалитетот и ексклузивноста имаат цена. Основниот модел Airstream 534 чини околу 68.000 евра, додека топ моделот стартува од околу 90.000 евра.
















