Долготрајниот топлотен бран со температури над 30 степени Целзиусови предизвикал и осетно зголемување во бројот на дефекти, јавува германскиот клуб АДАК.
Само во изминатите два викенди, службата за помош на пат на АДАК примила околу 70.000 повици. Вкупно во целиот единаесетдневен период на зголемени температури, до АДАК пристигнале за преку 20% повеќе повици за помош при дефект.
Најчеста причина за дефект и во текот на летото е акумулаторот, со удел од преку 40 проценти. Втора најчеста причина се проблеми со моторот и со неговата електроника, на коишто отпаѓа една четвртина од дефектите. Следат системот за ладење и климатизацијата.
Во оваа категорија, што АДАК ја води како „Ладење, греење, клима“, бројот на дефекти лете е двојно зголемен во споредба со остатокот од годината. Летово уделот е 13 проценти.
Секако дека клима уредот има тешка задача во текот на летото. Посебно е оптоварен компресорот, којшто мора да испорачува значително повеќе сила. Доколку тоа трае предолго, на пример при патување, постарите компресори можат да откажат поради преоптовареност.
Во време кога се зачестени дефектите, АДАК препорачува да се користи дигиталниот повик за помош на пат, преку апликацијата што ја има развиено моќниот клуб, или преку вебсајт.
Преку функцијата за автоматско лоцирање на возилото значително се забрзува пристигањето на помошта. Од јануари до завршетокот на јуни, по дигитален пат се пријавени преку 500.000 дефекти, што учествува со 27% во вкупниот број дефекти.
АДАК со 22,8 милиони членови е најголемо здружение на возачи во Европа. Возила на клубот во текот на летото се активни и во нашиот поширок регион, иако Германците честопати јавуваат за случаи кога поединци лажно се претставуваат како сервисери на АДАК и наплаќаат скапо.
Forthing S7 REEV · Најбензинскиот електричен автомобил на пат од 750 км низ Македонија
















