Порше планира да го врати производството на Кајен во Германија

Производството на Порше Кајен со голема веројатност ќе се врати во фабриката во Лајпцих. Каква е иднината на скапата и напредна фабрика во словачка Братислава?

Фабриката во Братислава важи како една од најсовремените и најефикасни погони во концернот Фолксваген

Порше подготвува нагла пресвртница со својот најважен СУВ модел, објави Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, ФАЦ. Кајен во иднина ќе се повлече целосно од фабриката во Словачка и ќе се врати во Лајпцих. Тоа важи и за електричниот модел.

Овој чекор покажува колку се сменети економските услови за работа на производителот на спортски и луксузни возила од Цуфенхаузен. Тоа воедно покажува и колку е голем притисокот за да се зголеми продукцијата во германските фабрики.

Целта на Шефот на Порше, Мајкл Лајтерс, е целосно да се оптовари фабриката во Лајпцих. Во оваа фабрика во германската сојузна покраина Саксонија се произведуваат Панамера и Макан. Потребен е уште еден модел, што ќе обезбеди полно оптоварување на фабриката во следните години.

Кајен ќе биде клучен за остварување на таа цел. Доколку целото производство се пресели од Братислава во Германија, во Лајпцих ќе се произведуваат и бензинските, и хибридните, и електричните варијанти на моделот.

Тоа би претставувало голема пресвртница за Порше. Во почетокот на 2026 година започна производството на сите погонски варијанти на Кајен во фабриката во Братислава, од каде што излегуваат модели од повеќе марки.

За таа цел, беше вложено во технолошка надградба на фабриката, што во кругот на концернот се издвојува со ефикасноста и автоматизацијата. Со тоа, фабриката во Братислава се цени како една од најсовремените во производствената мрежа на целиот концерн Фолксваген.

За разлика од претходните генерации, кога во Братислава се изработуваа само каросериите, што потоа се испраќаа за Лајпцих за завршна монтажа, во моментов целото производство се одвива под ист покрив. Доколку Кајен се отсели, тоа ќе ја загрози иднината на словачката фабрика.

Вработените во Лајпцих ќе работат за пониски плати од нивните колеги во останатите фабрики на Порше во Германија

Голем проблем ќе бидат платите. Работната сила во Словачка е далеку поевтина отколку во Германија, и менаџментот ќе мора да зафати во висината на платите на германските работници, за да се обезбеди економска исплатливост при преселувањето на Кајен во Лајпцих. Тоа значи, работниците ќе мора да сметаат на пониски плати од останатите фабрики на Порше во Германија.

Промените за Кајен се случуваат во време кога Порше се соочува со финансиски предизвици. По ослабнатиот биланс во 2025 година, трендот продолжува и годинава. Во првите три месци, продажбата опадна 15% од лани, на околу 61.000 возила.

Голем удар е падот во продажбата во Кина, каде што пазарот на германската марка паѓа најмногу. Дополнителен притисок се високите трошоци за новата стратегија на модели, како и насочувањето кон погоните што носат повисок профит.

Порше најави дека ќе го смали бројот на изведби од одделните модели, ќе ги оптимира развојните процеси и повеќе ќе се потпира на синергиски ефекти со останатите марки на концернот Фолксваген.

Мајкл Лајтерс го презеде шефовското место во Порше во почетокот на 2026 година и има задача да ја качи продажбата и да ги зголеми маржите. Се шпекулира околу можно отпуштање на неколку илјади работници. Лајтерс ќе ја објави новата стратегија на германската спортска марка во октомври, на конференцијата за инвеститори.

Претходна објаваСподелена пасија и моќни перформанси: Незаборавно искуство на големиот Porsche Community настан во Скопје
Следна објаваГермански АДАК бележи зачестени повици за помош на пат поради жештините

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here