90-60-90: Volvo повторно има секси пропорции

Во 2010 година Ford им го продаде Volvo на Кинезите. Шведската марка се откажа од сé и направи еден многу ризичен потег. Денес Volvo повторно е во центарот на вниманието. Куса историја на шведското чудо.

Торсланда се наоѓа на половина час возење од шведската престолнина Гетеборг. Многумина очекуваа дека седиштето на Volvo ќе се претвори во „Чајнатаун“, откако Американците се повлекоа од оваа локација во 2010 година и се доселија новите кинески сопственици. Во август таа година, Ford се откажа од авантурите со европските марки и го продаде Volvo на кинеската компанија Geely.

Во фабриката во Торсланда никаде не фигурира името Geely ниту има нешто испишано на јазикот на новиот кинески сопственик
Во фабриката во Торсланда никаде не фигурира името Geely ниту има нешто испишано на јазикот на новиот кинески сопственик

Тоа што денес во фабриката во Торсланда никаде не може да се сретне името Geely говори доволно за тоа како новите сопственици ја прифатија својата улога. Тука нема ниту еден збор што е испишан на кинески јазик. Не се зборува ниту германски, иако шефот на развојот и главниот дизајнер се Германци. Официјалниот јазик во оваа мултикултурна средина е англискиот.

Порано Volvo беше шведски производител кој извезуваше автомобили. Денес Volvo е интернационална компанија, со седишта во Шведска, Кина, а од 2018 година и во САД. Повторно во САД. Пред пет години, Ford се откажа од шведската премиум марка и само се чекаше моментот кога кинеските шампиони во копирање ќе ги исцрпат сите патенти и искуства и ќе ја згаснат марката. Тоа беше за очекување, затоа што на неполни стотина километри од Торсланда се наоѓа Тролхетен, со остатоците од втората гордост на шведската автоиндустрија, Saab. Оваа шведска марка падна како жртва на сопствената безидејност на друга американска компанија, на General Motors.

Сегашниот сопственик започна со производство на ладилници во 1986 година

Volvo, поточно Volvo Personenwagen, произведува автомобили од 1927 година, во рамките на концернот чијашто понуда вклучуваше сé, од багер до брод. Ford го презеде Volvo Cars во 1999 година, за да формира група од луксузни марки, заедно со Aston Martin, Jaguar и Land Rover. Проектот не траеше долго. Потоа се појави Geely, основан во 1986 година од Ли Шу Фу. Кинезот го почнал бизнисот со ладилници, потоа составувал мотоцикли, па следувале автомобили. Денес во негова сопственост се Volvo и британското културно наследство London Taxis. Не е лажен впечатокот дека бизнисот на Volvo сега се одбвива подобро од кога било досега.

Пред 50 години вака изгледаше производството на Volvo во Торсланда
Пред 50 години вака изгледаше производството на Volvo во Торсланда. Од некогашна шведска извозно ориентирана марка, Volvo прерасна во интернационална компанија со производство во Шведска, Кина, а наскоро и САД

Со Volvo управува надзорен одбор. Но, фирмата работи независно од Кинезите. Швеѓаните добија дебел почетен бонус и оставена им е слобода сé додека има позитивни резултати. Продажбата годинава ќе достигне близу половина милион автомобили, добивката расте, пазарот во САД се враќа, кинескиот пазар се стабилизира, а расте и продажбата во Европа. До 2020 година, продукцијата треба да достигне 800.000 возила, а соодветно на тоа и добивката ќе го достигне нивото на останатите премиум марки, односно Audi, BMW и Mercedes.

Кога Volvo го претстави првиот модел од новата ера, големиот теренец XC90, станаа очигледни сличностите во ценовното позиционирање со моделите на Audi. Но, постои една голема разлика. Швеѓаните решија да не произведуваат мотори со повеќе од четири цилиндри. Тоа е стратегијата што ја избра Volvo и таа нема да се промени. Чекорот е ризичен, затоа што купувачите во Америка бараат големи мотори, но според првичните продажни резултати, нема причина за загриженост.

За примерок од Volvo XC90 треба да се чека најмалку три месеци

Фановите на шведската марка се одушевени. XC90 почна да се произведува летоска, со план годишно да се изработуваат по 50.000 примероци. Во меѓувреме, бројот на нарачки достигна 80.000 примероци и кој сака сега да нарача примерок од големиот теренец ќе мора да чека најмалку три месеци до испораката.

Дизајнот на идното комби од серијата „90“ ќе го следи примерот од концептниот автомобил
Дизајнот на идното комби од серијата „90“ ќе го следи примерот од концептниот автомобил

Во понудата од мотори се планирани бензински и дизелски четирицилиндарци за големите модели и трицилиндарски бензинец со зафатнина од 1,5 литар за помалите модели. Дизел со три цилиндри не е во план, затоа што Швеѓаните сметаат дека малите дизели се неисплатливи за развој и за производство. Понатаму, за сите модели се планирани хибридни изведби, во комбинација со четирицилиндарските и трицилиндарските мотори. Хибридите се поскапи, но очигледно е дека купувачите го гледаат ова погонско решение со две срца како дел од имиџот на Volvo и нарачките за овие модели пристигаат масовно. Автомобил со погон на струја треба да се појави во 2019 година, со досег од 500 километри и батерии од корејскиот партнер LG Chem.

Формулата на успехот изгледа мошне заводливо: 90-60-90

Во поблиска иднина ќе се применува заводливата формула 90-60-90. Во минатата седмица беше претставена петметарската лимузина S90, базирана врз платформата од XC90. Набрзо ќе следува и задолжителната комби изведба, во традицијата на „760“ и „240“, а од 2017 година ќе се произведува и во Кина. Volvo S90 доаѓа на местото на S80 и V70, од следното лето ќе се продава во Европа и ќе стартува од 40.000 евра. На крајот ќе следат и кросоверот Cross Country и верзија со продолжено меѓуоскино растојание.

Очигледно е дека во Volvo размислуваат и за престижно купе како дел од серијата „90“ и во духот на традицијата, но засега нема официјална потврда - освен спектакуларниот дизајн на концептниот купе модел
Очигледно е дека во Volvo размислуваат и за престижно купе како дел од серијата „90“ и во духот на традицијата, но засега нема официјална потврда – освен спектакуларниот дизајн на концептниот купе модел

Во 2017 година ќе се појави и новата генерација на бестселерот XC60, за потоа да бидат претставени и лимузинската и комби изведбата во серијата „60“. Откако ќе бидат поставени темелите од XC90, XC60 и V90, во 2018 година следува спортски теренец од компакт класата, со ознака XC40, а потоа доаѓа и новиот V40. Со тоа завршува задолжителната програма. За Volvo да ја поврати првичната слава, нема да биде на одмет да се појави и по некое купе, а ниту кабриолет не е лоша идеја. Но, засега такво нешто не се планира. Швеѓаните повеќе се посветени на друга цел. Тие планираат од 2020 година, безбедноста во нивните автомобили да достигне толку високо ниво, што повеќе нема да се случи човек да биде повреден во Volvo. Во тој поглед, „новите“ Швеѓани се истите стари Швеѓани.

Претходна објаваToyota очекува намалена продажба на хибридниот Prius поради евтините горива
Следна објаваОсновната изведба на Mercedes S-Class Coupe за само 100.000 евра

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here