за ,

700 КС за Audi Sport Quattro

Audi одбележува триесет години од легендарниот Sport Quattro со студијата со исто име. Ако тогаш беа доволни 306 КС за светот да се импресионира, сега се потребни 700 КС – и хибриден погон.

На претстојниот салон во Франкфурт, Audi ќе прикаже уште повеќе разбеснета варијанта на концептот Quattro од 2010 година. Купето со две седишта е конструирано врз платформата од RS7, со скусено меѓуоскино растојание и со четирилитарски V8 со двојно турбонатполнење. Овој мотор со 560 КС и 700 њутнметри добива поддршка од електромотор со моќност од 150 КС и 400 њутнметри. Тоа дава системска моќност од 700 КС и вртежен момент од 800 њутнметри. Моќта на двете погонски срца се пренесува до сите тркала преку осумстепен автоматик. Со батериите со капацитет од 14,1 kWh, Quattro може да помине до 50 километри. На тој начин, спортскиот болид ги минува првите 100 километри со потрошувачка од 2,5 литри гориво.

Со примена на карбон за хаубата и задниот капак, алуминиум и специјални челици за каросеријата, тежината на хибридниот спортист изнесува 1.850 килограми. Оттука, вредностите на перформансите се сосема очекувани: Три секунди до 100 и крајна брзина од 300 km/h. Концептот користи керамички сопирачки дискови и приспособливо спортско подвозје, во комбинација со блокада на диференцијал. Под крилата вртат бандажи од 21 инчи со гуми со димензија 285/30.

Во носот на Audi Sport Quattro се препознава новата шестаголна маска која што ќе ја имаат сите идни модели на марката. Тоа што е најубаво околу Audi Sport Quattro е можноста возилото да се изработува во мала серија почнувајќи од 2016 година. За концептот од 2010 година исто така се шпекулираше дека е можна мала серија, но проектот тогаш не доби зелено светло. Цената на болидот нема да биде ништо помалку спектакуларна од неговата техника: Преку 200.000 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Лондонски облакодер што ги топи автомобилите

Милано стартуваше со изнајмување возила на улица