за

570 КС и 310 km/h за Porsche Panamera Turbo S

Porsche ја претстави најсилната, најбрза и најлуксузна изведба на Panamera. Со 570 КС и 310 km/h, Panamera Turbo S им ги уништува надежите на конкурентите.

Panamera Turbo S за прв пат се нуди и во верзијата Executive, со меѓуоскино растојание зголемено за 15 сантиметри. Во особено богатото ниво на опрема на оваа верзија спаѓаат и специјални стакла со звучна и топлинска изолација, како и посебен пакет за осветлување и голема средишна конзола на задната клупа. Врвниот модел во гамата на Panamera ќе има премиера на салонот во Токио, на крајот на ноември.

P13_0834

Освен во перформансите и возните својства, спортско-луксузниот карактер на Panamera Turbo S се огледува и во оптичките знаци на препознавање на моделот. Ексклузивно за него е достапна бојата паладиум металик, како и приспособливиот заден спојлер лакиран во боја на каросеријата, додека бандажите 911 Turbo II од 20 инчи се дел од стандардниот пакет.

Соодветно на улогата на топ-модел во гамата на купе-лимузината, Turbo S располага со сите технички специјалитети на Porsche, почнувајќи од активното подвозје PDCC, кое го минимизира страничното наведнување во свијоци, преку варијабилната распределба на вртежниот момент на задните тркала во комбинација со електронска блокада на диференцијалот (PTV Plus), до керамички композитни сопирачки PCCB. Техничкиот пакет до надополнуваат прогресивно сервоуправување и приспособлива амортизација PASM.

Дополнителни 50 КС со нов турбополнач и повисок притисок на впрскување

Плусот од 50 КС наспроти моторот во Panamera Turbo е резултат од двата нови турбополначи со поголем компресор, со што се зголемува протокот на воздух и дотокот на кислород во коморите за согорување, особено при високо оптоварување и високи вртежи. Во исто време и притисокот на впрскување на горивото е зголемен за 20 бари на 140 бари. За поголемото оптоварување се користат клипови од нова алуминиумска легура и клипни прстени со специјална облога.

Овој концепт има уште две предности: Со подобрата подготовка на смешата за согорување се зголемува и вртежниот момент на 750 њутнметри во подрачјето меѓу 2.250/min и 5.000/min, а со овербуст дури на 800 Nm. Вториот плус е тоа што потрошувачката останува иста како кај Panamera Turbo, односно за повеќе од 11 проценти под нивото на претходникот.

Со опционалниот спортски издув, Panamera Turbo S по желба на возачот може да произведе звук инспириран од мотоспортот. Звучното доживување се вклучува преку копче, кое го активира акустичниот кабал што го пренесува звукот од моторот во кабината. Покрај тоа, дел од цилиндрите се исклучуваат при префрлување во повисок степен, што овозможува побрзо намалување на вртежите и побрзо затворање на спојката. Со преработена стратегија на промена на степените, менувачот со двојна спојка уште побрзо ги префрлува степените, што резултира со 3,8 секунди до темпо 100.

Цената на Porsche Panamera Turbo S во Германија изнесува 180.024 евра, а на Panamera Turbo S Executive 197.041 евра. Нарачката стартува веднаш, а испораките следуваат од јануари 2014.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Профитот на Mazda порасна за 60 проценти!

Magnum Mk5: Формула за тркање и за кафе