Француско-јапонското партнерство Renault-Nissan во септември го испорача 350-илјадитиот електричен автомобил. Само во првите осум месеци од годинава се испорачани 100.000 примероци. Nissan Leaf е најпродаван модел, Renault е европски лидер со удел од 27 проценти на пазарот на електрични возила.
Откако стартуваше продажбата на Nissan Leaf во декември 2010, Renault и Nissan постигнаа голем напредок во зацврстувањето на нивната лидерска позиција на пазарот на електрични автомобили. Само во првите осум месеци од годинава, француско-јапонската алијанса продаде 100.000 возила со погон на струја, поставувајќи нов рекорд. Секој втор електричен автомобил во светот потекнува од партнерите во алијансата.
Погонската техника постојано се усовршува, што најдобро се огледува во зголемувањето на досегот. Електричниот Renault Zoe лани доби дополнителни 30 километри досег, додека времетраењето на полнењето на брз полнач се скуси за 10 проценти.
















