300 КС во Golf R се недоволни? Тјунерот Abt нуди уште стотка

До пред само две децении, со 400 КС располагаа единствено суперспортските модели. Ваква богата ергела денес може да се добие и во Golf, под услов да се работи за „R“ и да се доплати за тјунирањето во Abt.

Тристотините коњски сили во Volkswagen Golf R се повеќе од доволни. Многу повеќе од тоа. Но, во секој случај е пријатна „свеста“ за моќта под хаубата. А, како би било со 400 КС? Нема проблем. Германскиот Abt, легенда на тјунингот на Volkswagen, нуди екстра сто коњски сили за моментно најсилната верзија на Golf што е достапна во редовна продажба.

Основата на тјунингот е пакетот Abt Power S, којшто се состои од контролна единица од сопствен развој на Abt, секако вклучувајќи го и соодветниот софтвер. Разликата од обичните чип-тјунинзи од маалска гаража е во тоа што зад понудата на Abt стојат обемно тестирање и експертиза што во голем дел се темели и на долгогодишниот ангажман на оваа германска куќа во мотоспортот. Техничарите на Abt потенцираат дека нивниот тјуниран Golf R ја поседува истата возливост како стандардната верзија, што од друга страна сведочи за огромниот потенцијал што стои во платформата на компактот. За „уживателите“ стојат на располагање и навојно подвозје и спортски стабилизатори развиени од Abt.

Посетата на Abt се комплетира со лакирана предна маска со дизајн на Abt, вклучувајќи посебни бленди на светлата, проширени прагови и додаток на капакот на багажникот. Вниманието во задниот дел на возилото секако дека го привлекуваат четирите издувни цевки со пречник од 102 милиметри. Тие се само видлива завршница. Целиот издувен систем е преработен од Abt со цел да се извлечат дополнителни КС. Бандажи во стилот на Abt исто така не смеат да недостигаат. За Golf R, специјалистот од Кемптен првпат ги нуди новите бандажи FR-Design.

За крај, мал извод од ценовникот за тјунирањето на Golf R (цени во евра)

Контролна единица Abt Power S, +100 КС, +100 Nm, заедно со спортски катализатор и спојница со издувна гранка, (за монтажа 580 евра) 4.405
Предна маска, нелакирана, без монтажа 275
Бленда на светла, нелакирана, без монтажа 140
Прагови 615
Капи на ретровизори, изглед на карбон 200
Додаток на заден капак 210
Бандажи DR Design (на возилото во галерија), 8,5х19, офсет 50 2.600
Бандажи FR Design, 8,5х20, офсет 40 3.370
Навојно подвозје, напред 10-40 mm, назад 20-45 mm, без монтажа 1.660
Спортско навојно подвозје, без монтажа (не мора да се деактивира DCC) 2.290
Стабилизатори 490
Издувен лонец 2.590
Спортски катализатор 1.930

 

Претходна објаваVolvo S60 со хибриден погон само за кинескиот пазар
Следна објаваНовата серија 7: Знаменосецот на BMW е подготвен за премиерата во септември

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here