Купувачите ја сакаат новата Corsa и на невидено. Откако стартуваа нарачките на крајот на август, повеќе од 30.000 купувачи резервираа примерок од моделот, иако испораките стартуваат дури во декември.
Opel ја претстави петтата генерација на Corsa на салонот во Париз во почетокот на октомври. Со привилегија на домашна марка, Германците први се потпишаа во книгите за нарачка за новиот модел на Opel, а од неодамна Corsa стартуваше со нарачки и на останатите поголеми пазари во Европа, како Велика Британија и Франција, кадешто моделот исто така ужива голема популарност. Шефот за продажба Петер Кристијан Кисперт најавува дека целиот европски пазар ќе биде снабден со новата Corsa до јануари следната година.
Corsa е еден од најважните модели на Opel, со удел од една четвртина во продажбата на марката. Во 32 години од стартот на првата генерација, Corsa се продаде во преку 12,4 милиони примероци, при што на претходникот, Opel Corsa D, отпаѓаат три милиони возила меѓу 2006 и 2014 година. За големата популарност на ова моделско име говори и фактот што Corsa и натаму е најпродаван модел на Opel, иако му претстои замена со нова генерација.
Новата Corsa е значаен дел во моделската офанзива на Opel во којашто до 2018 година се предвидува претставување на 27 нови модели и 17 нови мотори. Од следната година понудата на Opel ќе се комплетира со Karl, најевтин и најмал модел на марката со молња во маската, позициониран под стилскиот Adam.
















