25-годишнина на Subaru SVX: Јапонскиот гран-туризмо со италијански гени

Subaru покажа вистинска храброст кога концептниот автомобил SVX од 1989 година го пушти во сериско производство. Со дизајнерски потпис на Џорџето Џуџаро и авангардна техника, SVX е еден од најважните јапонски модели.

Мал број марки покажале храброст, идеите од соништата да ги отелотворат во стварност. Subaru направи таков чекор, кога концептот на спортско купе Subaru Vehicle X или кусо SVX, од салонот во Токио во 1989 година, го пушти како сериски модел две години подоцна. Впечатливата форма создадена во студиото на италијанската ѕвезда Џорџето Џуџаро, потоа беше финализирана во јапонското дизајнерско ателје на Subaru, од страна на Тецуа Хајаши и Хироши Сарукава.

Овој модел создаден во најдобрата традиција на гран-туризмо и со навидум комплетно застаклена кабина во стил на борбен авион е првиот автомобил од соништата со лого на Subaru. Како детал од борбените авиони не недостигаа и типичните малечки прозорци отстрана.

Subaru SVX (1994)

Изгледот беше само најава за техниката во SVX: Нова генерација на постојан симетричен погон на сите тркала, нов 3,3-литарски боксер со шест цилиндри и иновативен автоматски менувач. Најексклузивниот модел на Subaru во тоа време се продаде во близу 25.000 примероци. Моделот денес се вбројува меѓу најценетите јангтајмери, со растечка вредност на пазарот.

Радикален како суперспортски болид, префинет како гран-туризмо

Со карактеристичната клинеста форма и осветлениот покрив под укинатна стаклена купола со хоризонтално поделени странични прозорци, вообичаени за млазните авиони и екстремните спортски болиди, Subaru SVX одненадеж се најде во центарот на вниманието во сегментот на луксузните спортски купеа. Вистинската сензација сепак беше 3,3-литарскиот боксер мотор со 230 КС и иновативна 24-вентилска техника. Вртежниот момент од 309 њутнметри при 4.800 вртежи исто така беше сензација во тоа време. SVX беше скромен единствено во потрошувачката. Според тогашните норми, потрошувачката при 90 km/h изнесуваше само 7,4 литри на сто километри.

Со своите перформанси, купето на Subaru можеше да се носи и со најбрзите тркачи, поради што стекна слава на еден од првите автомобилски херои во раните компјутерски игри. Тоа што најмногу ги привлекуваше купувачите сепак беше единствениот спој од спортски талент и луксузен животен стил. Силен печат оставаше огромната стаклена купола, со којашто патниците добиваа комплетна панорама од возилото. Subaru мораше да примени иновативна постапка за изработка на стаклата. Тенките, но цврсти кровни столбови, беа речиси незабележливи. Јапонците долго експериментираа на ова поле со концептните автомобили F9-X од 1985 и Estremo од 1987 година.

Опремен како благородно британско купе, но по јапонска цена

Секако дека и во опремата ништо не смееше да недостига, почнувајќи од автоматски клима уред, проекциски светла, електрично задвижуван сончев покрив и електрично местење на седиштата. Внимание привлекуваше и автоматскиот менувач SCT 4, со електронска контрола и варијабилна распределба на вртежниот момент до сите тркала. Опремен како најлуксузните купеа во тоа време, SVX сепак беше достапен по многу поразумни цени.

Како наследник на спортското купе Subaru XT од 1985 година, авангардниот SVX во 1991 година драстично ја помести горната граница на понудата на јапонскиот специјалист за погон на сите тркала. Каросеријата беше изработена со монокок-структура, користејќи иновативни технологии. Subaru намерно користеше атмосферски 3,3-литарски боксер во своето врвно купе, откажувајќи се од помошта на турбонатполнењето, затоа што сметаше дека рамномерното ослободување на моќта на големиот шестцилиндарец од типот EG33 одговара повеќе за карактерот на SVX. Инженерите повеќе веруваа во „моќта“ на четирите брегасти вратила и четирите вентили по цилиндар. За сувереното повлекување на моторот во целото работно подрачје до 5.600 вртежи се грижеше и компјутерски регулиран варијабилен систем за вшмукување на воздухот.

Претходникот Subaru XT од 1985 година се појави со екстремно клинеста форма, но наследникот SVX го надмина и во дизајнот и во ексклузивноста

Subaru XT Turbo 4WD (1986)

Постојаниот симетричен погон на сите тркала уште тогаш беше заштитен знак на Subaru. Но, и тука имаше една важна иновација. Електрониката на варијабилната дистрибуција на вртежниот момент (VTD) ги испорачуваше њутнметрите до тркалата коишто во моментните услови имаа најдобра тракција со подлогата. На неколку пазари, врвниот модел на Subaru беше достапен и во верзија со управување на сите тркала.

Особено внимание беше посветено во изработката и во квалитетот на престижното купе. За таа цел, SVX се произведуваше на сопствена лента, со забавено темпо, заради можност за мануелна интервенција и постигнување совршенство во изработката. Пред испораката, секој примерок од SVX се тестираше на сопствената патека на Subaru.

Последниот примерок од незаборавното купе на Subaru излезе од производствените ленти во 1997 година. Во меѓувреме, сопствениците на моделот пријавуваат дека без каков било проблем имаат извозено далеку над 300.000 километри.

[FAG id=25204]

Претходна објаваНорвешка ќе забрани дизели и бензинци – и ќе ја укине електро-субвенцијата
Следна објаваFord планира целосно автономно возило за 2021 година

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here