за

25 години на Opel Vectra: Моделот што и конкурентите го посакуваа

Vectra имаше тешка задача како наследник на легендарната Ascona. Со нов изглед, напредна технологија и моќни топ-модели, таа го престигна претходникот и стана најпродаван модел од средната класа на Opel.

Кога се појави во 1988 година, Vectra претставуваше целосна револуција и за марката и за браншата, со ново име, нов изглед и нова технологија. Новиот модел од средната класа немаше лесна задача, тој сепак требаше да ја наследи успешната Ascona, која од 1970-та година се произведе во три генерации. Името и аеродинамичната каросерија беа инспирирани од поголемата Omega.

Vectra е првиот модел на Opel што беше достапен со погон на сите тркала. До првата генерациска замена во 1995 година, револуционерниот модел на моменти достигнуваше и 20-процентно учество во класата – секој петти автомобил од средната класа беше Vectra! Одличната основа ја искористи и легендарната Calibra. Со 2,5 милиони примероци продадени во Европа, Vectra A стана најпродаван модел на Opel од средната класа.

Прв Opel со погон на сите тркала

Врвен модел во понудата беше Vectra 2000 16V 4×4, со дволитарски мотор со 150 КС, погон на сите тркала од Magna-Steyr и задна оска од Omega. Останатите мотори во гамата беа 1,6-литарски бензинец со 75 КС, 1,8-литарец со 88 КС и дволитарец со 115 КС. Новитет во понудата беше 1,7-литарскиот дизел со 57 КС. Освен во лимузинска изведба, Vectra беше достапна и како комбилимузина со пет врати. Комби модел не се нудеше во првата генерација.

Милион примероци за само три години

Заслуга за одличната продажба имаше постојаното освежување на моделот што се произведуваше во Германија, Белгија, Велика Британија и Турција. Во 1990 година во понудата влезе новиот 1,8-литарски бензинец со директно впрскување и 90 КС, заедно со 1,7-литарскиот турбодизел со 82 КС. Во јуни 1992 година, Vectra беше единствен модел во средната класа што поседуваше систем АВЅ како стандард. Два месеца подоцна, Opel изврши фејслифт на популарниот модел, со нов изглед на предниот дел, лакирани браници и збогатена безбедносна опрема.

240 километри на час во Vectra turbo

 

Луксузната Vectra V6 со 170 КС беше претставена во летото 1993 година, како прв Opel од средната класа достапен со шестцилиндарец – и прв воопшто мотор на Opel со конфигурација V. Во следната есен веќе следуваше нов топ модел, со најсилниот мотор од Calibra. Vectra turbo имаше погон на сите тркала, дволитарски мотор со 204 КС, шестстепен мануелен менувач – и крајна брзина од 240 километри на час.

Vectra A го доживеа последното освежување во пролетта 1994, со воведувањето на Vectra CDX, со нов дволитарски мотор со 136 КС, којшто се вградуваше и во наследникот, Vectra B. Во седмата година на присуство на пазарот, Vectra A беше втор најпродаван модел во Европа.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Volkswagen TwinUp: Еден литар на сто километри

Nissan Qashqai: Сите како него или тој како сите?