Првата генерација на компактниот кросовер на BMW ја шокираше конкуренцијата и се продаде во 730.000 продадени примероци. Втората генерација на BMW X1 е подобра во речиси сé, а конечно и изгледа подобро.
Во последно време, сите случувања во понудата од модели од компакт класата во BMW се вртат околу двојката ванови Active Tourer и Grand Tourer од серијата 2. Тие се практични, поголемиот ван има дури и седишта за седуммина, добри се како семејни возила и се снаоѓаат во секоја пригода, но далеку се од автомобили што ќе ја одушеват традиционалната клиентела на марката. Затоа е тука новиот X1, малку покус од досега, но значително повисок и поширок, качен самоуверено на бандажи со 19 инчи.
Огромни се разликите во споредба со претходникот, што е заслуга првенствено на новата платформа со преден погон, што моделите од сериите 1 и 2 ги делат заеднички со Mini, заради поевтинување на развојните и производствените трошоци. Предностите од преоѓањето на новата платформа се огледуваат главно во поголемиот простор во кабината. На задната клупа има 4 сантиметри повеќе простор пред колената на патниците, а со повлекување на клупата наназад се доаѓа и до 6,6 сантиметри. Досега BMW X1 користеше платформа од комби моделот Touring од старата серија 3 и не беше многу повеќе од комби со поголемо растојание од подлогата и погон на сите тркала. Тоа би требало да е коригирано во новата генерација, со повисоко седење и со чувство како во вистински спортски теренец.
Недостига вистински моќник во понудата што ќе го носи имиџот на целата гама на X1
Но, новата платформа има и недостатоци. Кога преку 200 КС во врвниот модел треба да се пренесат на предната оска, тракцијата сигурно не може да биде иста како кај претходникот со заден погон, без разлика што варијабилниот погон на сите тркала би требало за миг да ја вклучи во игра и задната оска. Претходниот топ модел X1 35i, со шестцилиндарец и 306 КС, наменет првенствено за САД, повеќе не се нуди во гамата на компактниот теренец – платформата не предвидува шест цилиндри. Дијапазонот на моќноста сега завршува многу порано, на 231 КС во BMW X1 xDrive 25d и xDrive 25i.
Конкурентите се многу посилни во тој поглед. Audi RS Q3 постигнува 340 КС со 2,5-литарскиот петцилиндарец, додека новиот Mercedes GLA 45 AMG доаѓа до дури 381 КС. Отсуството на соодветен модел во гамата на X1 сигурно нема да влијае директно врз бројките од продажбата, но затоа ќе влијае индиректно врз имиџот на моделот. Топ моделите служат токму за тоа, за полирање на имиџот, а тоа ќе биде и неопходно откако во ноември ќе стартуваат верзиите со трицилиндарски бензинец со 136 КС во X1 sDrive 18i и со трицилиндарски дизел со 116 КС во xDrive16d. Секако дека би било подобро купувачите да го идентификуваат X1 со најсилниот модел, отколку со најслабите модели со мотори со по три цилиндри.
Маркетиншките стратези на BMW очекуваат најголема продажба од моделските верзии 18d и 20d, со погон на сите тркала. Врвниот модел во дизел понудата исто така вози со 231 КС, во X1 xDrive 25d. Освен со мануелен менувач со шест степени, посилните верзии можат да се комбинираат и со осумстепен автоматски менувач. Единствено послабите модели имаат опција за автоматски менувач со само шест степени.
Со преоѓањето на преден погон се отвори повеќе простор за патници и багаж
Активно подвозје спаѓа во стандардниот пакет, исто како алу-бандажи од 17 инчи и средишен дисплеј од 6,5 инчи. Со доплата се нудат диодни светла или електромотори за задниот капак. Багажникот има стандардна зафатнина од 505 литри, односно 1.550 литри со соборена задна клупа. Кому тоа му е недоволно може да доплати и за соборување на совозачкото седиште. Од системите за асистенција се нудат сите ставки што се веќе воспоставени и во класата на компактните теренци, почнувајќи од темпомат со можност за самостојно запирање и забрзување, до систем за следење лента со зафат во самото управување при потреба од коригирање на правецот. Како опција се нуди и функционален проекциски дисплеј, кој ги прикажува информациите на ветробранот, место на пластична плочка под ветробранот.
Ценовникот за германскиот пазар стартува од 29.950 евра за BMW X1 sDrive18i, со 1,5-литарски бензинец со три цилиндри и 136 КС. Во сериското ниво на опрема спаѓаат алу-бандажи од 17 инчи, дисплеј од 6,5 инчи, мануелен клима уред, кожа на волан, команди за радио на волан, потпирачи за рака напред и назад, предупредување при опасност од судир во град, сензор за дожд и магленки. Покрај стандардното ниво се нудат уште линиите Advantage, xLine, SportLine и M Sport. Основата кај дизелите е sDrive18d, исто така со преден погон, со дизел од 1,5 литар со 136 КС и цена од 34.000 евра. Сите други модели доаѓаат стандардно со погон на сите тркала xDrive.
Моделите со дволитарски турбо бензинец xDrive20i и xDrive25i, со 192, односно 231 КС, стандарно се испорачуваат со осумстепен автоматски менувач и достапни се за 38.700, односно 42.500 евра, при што основното ниво кај посилниот модел е Advantage. Дизел моделите xDrive18d (150 КС) и xDrive20d (190 КС) чинат соодветно 34.900 евра, односно 38.100 евра. Топ дизел е X1 xDrive25d со 231 КС, автоматски менувач со осум степени и исто така стардно ниво на опрема Advantage, со цена од 42.500 евра.
















