за

17 нови станици за точење водород отворени лани во светот

Автомобилите со водороден погон стануваат реалност, недостигаат уште станици за нивното гориво. Но, напредок има. Лани се отворени 17 нови станици, сега светот брои вкупно 184 локации за точење водород.

Toyota веќе стартуваше со редовна продажба на автомобилот со погон на водород, во септември Mirai ќе пристигне и на европскиот пазар. Моментно се чека по три години за испорака за суперактуелниот автомобил што како гориво користи водород место нафта. Hyundai исто така го понуди ix35 Fuel Cell во слободна продажба, по цена од околу 65.000 евра. Автомобилите со најдобриот вид на погон што досега го има понудено автоиндустријата се веќе реалност, но нивниот најголем проблем и натаму останува недостигот од станици на коишто може да се наполни водородот. Светот работи на решавање и на овој проблем, политиката прави сé помалку пречки за натамошниот пробив на водородот како погонско гориво.

Лани се отворени 17 нови станици за полнење водород во светот, со што нивниот број сега изнесува 184 целосно оперативни станици. Повеќе држави планираат изградба на инфрастуктура од станици за точење водород и се очекува нивниот број рапидно да расте во следните години.

[quote_box_right]Од новоотворените станици, две се наоѓаат во Северна Америка, три во Азија и дури 12 во Европа. Со најголема инфраструктурна мрежа за водород располага Европа, со вкупно 82 станици, пред Северна Америка со 63, Азија со 38 и Јужна Америка со една станица. Од вкупно 184 постоечки станици за водород во светот, 74 се достапни јавно.[/quote_box_right]

Неколку постари станици за водород се затворија откако завршија проектите во коишто тие беа опфатени. Но, повеќе држави, продолжуваат со амбициозните програми за натамошно унапредување на водородниот погон и за повторно отворање на старите станици, со вградување на актуелизирана технологија за дистрибуција и експлоатација на водородот. Во тој поглед предничат особено Германија, Калифорнија и Јапонија. За 129 „пумпи за водород“ се веќе утврдени и локациите и добиени се дозволи за градба. Од нив, 55 се наоѓаат во Северна Америка, две во Јужна Америка, една во Австралија, 18 во Азија и 53 во Европа.

Околу една третина од функционалните станици се снабдуваат со т.н. зелен водород, односно водород којшто е добиен исклучиво од обновливи извори.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW подготвува моделска офанзива: Сите главни новитети до 2019 година

Yamaha XV950 Racer со старински дизајн и нова техника